Трет отворен повик за предлози за младински меѓукултурен уметнички фонд
Отворен за: Граѓански организации, општини, културни фондации
Можност за финансирање: До 5000 евра по апликација/повик
Период на имплементација: септември 2024 - јули 2025
Краен рок за поднесување: април 30, 2024 година
Упатство за апликантите за грант
Градење нови мостови
Проектот „Градење нови мостови“ (ГНМ) се надоврзува на Фондот за градење мостови (ГМ) кој воведе модел за интегрирано образование во Северна Македонија по пат на поддршка на училиштата, општините и граѓанските организации (ГО-и) за обединување на децата од различно потекло и јазици преку заеднички воннаставни активности.
Овој нов проект понатаму има за цел градење инклузивни општества кои го негуваат и се гордеат со културниот плурализам и ја почитуваат толеранцијата, дијалогот и соработката, во клима на меѓусебна доверба и разбирање како најдобри гаранции на социјалниот мир и безбедноста.
ГНМ е моментално поддржан од Кралството Норвешка, Република Полска, Големото Војводство Луксембург и Соединетите Американски Држави.
Цел на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд (ММУФ)
Општата цел на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд (ММУФ) е да го зајакне капацитетот на младите без оглед на етничкото потекло за промовирање меѓуетнички дијалог, граѓански вредности и борба против дискриминацијата преку активности засновани на уметност и меѓукултурни иницијативи. ММУФ ќе додели грантови на избрани ГО-и кои работат со момчиња и девојчиња и културни организации со силно искуство во јакнење на младите и промовирање на граѓанските вредности преку уметност и меѓукултурни активности.
Приоритетите на ММУФ се:
- Да се зајакнат меѓуетничките односи и соработката помеѓу младите од различни јазици и културно потекло преку заеднички активности;
- Да се воспостави меѓусебно почитување и борба против етничките стереотипи и предрасуди преку развивање чувство на заедништво и припадност;
- Да се подигне свеста за важноста од граѓанското учество како алатка за интеграција;
- Да се промовира уметноста како медиум за меѓукултурна комуникација и меѓусебно разбирање.
Подобните кандидати вклучуваат граѓански организации, културни субјекти/фондации и општини.
Во рамките на третиот повик за предлози, ММУФ обезбедува грантови до 5000 евра за подобни ГО-и/културни субјекти и општини за проектни предлози што ќе се спроведат помеѓу септември 2024 и јули 2025 година.
Пакет на апликација
За да го добиете образецот за апликација, испратете е-пошта на bnb.mk@osce.org и наведете ги вашите информации за контакт.
Пакетот за апликација е достапен на македонски, албански и англиски јазик. Апликациите мора да се поднесат на англиски јазик. Верзија на македонски и/или албански јазик може да се достави заедно со англиската верзија. Во случај на несовпаѓање, англиската верзија на образецот ќе се смета за меродавна.
Крајниот рок за третиот отворен повик е 30 април 2024 година.
Апликациите треба да се достават директно на: BNB.mk@osce.org.
Апликациите прво ќе бидат разгледани од страна на Извршната канцеларија на Фондот за ГНМ за да се утврди нивната подобност. Конечната одлука за доделување ќе биде донесена од независен советодавен одбор.
За прашања во врска со отворениот повик можете да го контактирате нашиот тим:
Фљорин Реџепи | Тел: 070 358298
Е-пошта: bnb.mk@osce.org
Младински меѓукултурен уметнички фонд (ММУФ)
Критериуми за подобност
1. Подобност на апликантот
ММУФ ќе додели мали грантови на избрани ГО-и, младински центри, културни центри и други законски регистрирани субјекти (пр. општини) во Република Северна Македонија со докажано искуство во јакнење на младите и промовирање граѓански вредности преку уметност и меѓукултурни активности.
Финансираните проектни предлози ќе бидат управувани директно од избраните ГО-и со кои Мисијата ќе склучи договор како партнери за имплементација и со кои ќе управува во согласност со административните упатства и прописи на ОБСЕ за партнери за имплементација.
Доколку се финансирани, на почетокот на проектните активности, секој примател на грант ќе треба да спроведе базично истражување за да се измери почетниот степен на социјална кохезија помеѓу момчињата и девојчињата учесници. Конкретно, истражувањето има за цел да ги измери перцепциите за припадност, вклученост, толеранција, и учество како значајни домени на социјалната кохезија. Истражувањето ќе го развие Одделението за ГНМ, а ќе го спроведат примателите на грантови како партнери за имплементација. Учесниците ќе добијат уверување за доверливоста на информациите дадени во истражувањето. Сите податоци ќе бидат безбедно складирани и одржувани на серверот на ОБСЕ. Наодите од базичното истражување ќе бидат вклучени во конечниот извештај за самооцена.
2. Подобност на проектните активности
Подобните активности треба да имаат за цел:
- Негување заеднички граѓански вредности;
- Поттикнување меѓуетничка социјализација;
- Промовирање толеранција преку уметноста и културни иницијативи.
Можностите се бескрајни и не се поставени строги ограничувања сѐ додека проектните учесници и корисници со различни наставни јазици се активно вклучени и се градат мостови.
Тоа се чини најверојатно кога активностите (на пр. меѓукултурни дебати, работилници, кампањи, акции во заедницата, инспиративни разговори):
- Водат кон заемно посакуван заеднички производ (пр. мултиетнички рок бенд, театарска претстава, документарен филм, графити и мурали) кој произлегува од зачестеноста на контактите и активниот ангажман на младите кои учествуваат;
- Се вистинска „мешавина“ со еднаква застапеност на младите од различни наставни јазици; и поттикнуваат меѓусебна соработка во настани;
- Се насочени кон интереси кои ги спојуваат сите млади, а не на потеклото што раздвојува;
- Подеднакво вклучуваат момчиња и девојчиња, како и оние со посебни потреби. За сите учениците помлади од 18 години кои се вклучени во проектните активности, апликантите треба да добијат одобрение од родителите.
- Обезбедуваат можности за малцинските или маргинализираните заедници на местата каде што ќе се одвиваат активностите;
- Се водени од интересите кои самите млади ги изразиле и не се дизајнирани само од персоналот на ГО.
3. Буџет
Фондот за ГНМ не исплаќа парични средства туку обезбедува набавка на потребните материјали и/или услуги за спроведување на активностите во согласност со правилата и процедурите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Апликантот мора а обезбеди процена на предвидените трошоци по што Извршната канцеларија конечно ќе одлучи за тоа кои набавки се прифатливи. Одборот поздравува апликации во кои наставниците и персоналот се подготвени да работат барем неколку дополнителни часа на про боно основа. Грантот нема да покрие никакви оперативни трошоци (закупнина за канцеларија, режиски трошоци, итн.) или трошоци направени пред доделување на грантот. Градиме нови мостови е кофинансирана активност, која се потпира на кофинансирањето на трошоците од страна на апликантот, како што се трошоците за канцелариски простории, режиски трошоци, внатрешна експертиза, итн. Обемот на кофинансирањето што апликантот ќе може да го обезбеди ќе биде еден од критериумите врз основа на кои Проектот ќе ги оценува апликантите и ќе доделува грантови.
Консултации со младите
Сите проектни предлози мора јасно да го демонстрираат учеството на младите луѓе во спроведувањето на активностите. Целта на овој услов е да обезбеди дека предлозите вклучуваат активности што поттикнуваат интеграција и што самите млади ги гледаат како најизводливи и интересни, како и да поддржи развој на култура на отворен проток на идеи помеѓу персоналот на ГО и младите учесници.
Советодавен одбор на новиот Фонд за ГНМ
Советодавниот одбор на Фондот за ГНМ е клучното тело кое ги оценува апликациите. Како одлучувачко тело на шемата за финансирање на ГНМ, Одборот ги оценува проектните предлози и донесува одлуки за доделување. Предвидено е Одборот да биде составен од вработени на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и тоа Раководителот на проектот на ГНМ, Вишиот советник за родови прашања/ФТРП (или Заменикот ФТРП, или друг претставник од Одделот за родови прашања), Националниот програмски офицер задолжен за младинското портфолио, Вишиот офицер за демократизација и еден претставник од Одделот за мониторинг.
Известување за одлука
Апликантите ќе бидат известени преку е-пошта за одлуката на Советодавниот одбор на Фондот на ГНМ во врска со нивната апликација. Доколку апликацијата биде условно одобрена, апликантот ќе ги добие коментарите и препораките на Одборот за тоа како да ја ревидира апликацијата. Доколку апликацијата биде одбиена, апликантите ќе добијат соодветно образложение. Апликациите кои се најдоследни на целите наведени во овие Упатства, имаат највисок квалитет, очекувано влијание, одржливост и економичност ќе имаат најголема шанса да бидат избрани.