Градиме нови мостови: ученици, наставници и граѓански организации го одбележуваат проектот на ОБСЕ за инклузија и дијалог

Над 200 ученици, родители, наставници и партнери од граѓанските организации се собраа денес во основното училиште „Живко Брајковски“ во Бутел, Скопје, да го одбележат проектот Градиме нови мостови на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Започната во 2022 година, од страна на Мисијата, оваа иницијатива прерасна во катализатор на инклузивност, дијалог и доверба меѓу различните заедници низ Северна Македонија. Изминативе две години, речиси 2600 млади се вклучија во заеднички образовни и уметнички активности со кои се зацврсти општествената кохезија и се создадоа трајни врски и пријателства меѓу заедниците.
Благодарение на оваа иницијатива триесет државни училишта воведоа заеднички наставни часови, овозможувајќи има на над 2000 ученици од македонската, албанската, турската, ромската и бошњачката заедница еден крај друг да учат природни науки, јазици, уметност и спорт. За многу од нив ова беше прва можност за делење на училницата со врсници од други заедници. Овие часови потврдија дека заедничкото учење, покрај академскиот напредок, промовира и почит, пријателство и трајна доверба.
Понатаму, тринаесет граѓански организации ја преточија креативноста во јазик на дијалогот и инклузивноста. Преку музика, театар, стрип, филм и визуелна уметност тие директно вклучија 600 млади лица, а преку концертите и изложбите допреа до илјадници. Овие иницијативи им ги дадоа на младите луѓе алатките за спротивставување на стереотипите, за градење доверба и вдахнување толеранција во нивните заедници.
„Мостовите изградени преку овој проект се силни и трајни,“ истакна амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Младите почувствуваа дека различноста не е слабост, туку извор на сила. Ова е нивни успех, а ние заедно ќе го продолжиме.“
Честитајќи му на амбасадорот Вал, на колегите од ОБСЕ и на другите дипломатски партнери за нивната посветеност кон создавањето трајни врски, амбасадорката Агелер ја истакна споделената убеденост дека мирот и разбирањето се постигнуваат со намера и негување. Обраќајќи им се на студентите, амбасадорката Агелер ја потврди нивната суштинска улога во иднината на Северна Македонија, охрабрувајќи ги да ја употребат својата интелигенција, креативност, енергија и храброст и да изградат посветла и попросперитетна иднина за своите заедници и за регионот.
„Мостовите изградени преку оваа иницијатива не се само симболични. Тие се силни, конкретни врски кои инспирираат надеж и единство. Со наградите што се доделуваат денес се одбележуваат извонредните постигнувања на младите чија визија и посветеност продолжуваат да го обликуваат патот кон подобро утре. Заедно, ќе продолжиме да градиме мостови кои надминуваат поделби, создаваат можности и ќе ги инспирираат идните генерации,“ изјави амбасадорката Агелер.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ја потцрта важноста на проектот за долготрајна кохезија: „ Преку интегрирано образование и меѓукултурна соработка, младите од основни и средни училишта чиј мајчин јазик е македонскиот, албанскиот, српскиот, босанскиот и турскиот јазик, преку заедничките наставни и воннаставни активности заедно изградија меѓусебно разбирање и трајни врски.
Овие активности уште еднаш потврдија дека децата и тинејџерите многу лесно комуницираат, без оглед на нивните разлики, доколку возрасните тоа им го дозволат.” Министерката Јаневска рече дека министерството ќе продолжи да ги користи образовните политики со цел унапредување на соживотот и единството како темел на државата.
За завршната церемонија се обратија директорката на училиштето, Г-а Магдица Пеева, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, и амбасадорите на Норвешка, Кристин Мелсом, и на Соединетите Американски Држави, Ангела П. Агелер, како главни донатори на проектот. На церемонијата се прикажаа креативни перформанси и младински натпревар „Потрага по скриено богатство“ кои симболично ја претставија тимската работа, креативноста и фер-плејот. Како чин на благодарност за нивниот придонес, на директорите на училиштата и на претставниците на граѓанските организации им беа доделени плакети.
Амбасадорот Вал изрази благодарност до донаторскиот конзорциум – Кралството Норвешка, Соединетите Американски Држави, Република Полска, Кралството Норвешка и Големото Војводство Луксембург – како и до Министерството за образование и наука и Министерството за социјална политика, демографија и млади за нивното блиско партнерство.
„Денес не одбележуваме еден крај, туку еден почеток,“ заклучи Вал. „Мисијата на ОБСЕ во Скопје останува целосно посветена на работата со и за младите, помагајќи им да продолжат да ги градат мостовите на доверба кои на Северна Македонија ќе ѝ донесат стабилност, креативност и единство.“