Претседавачот со ОБСЕ го поздрави договорот за надминување на политичката криза меѓу политичките лидери во Скопје
ВИЕНА, 15 јули 2015 – Претседавачот со ОБСЕ, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, го поздрави договорот постигнат меѓу политичките лидери во однос на мерките за надминување на политичката криза во поранешната југословенска република Македонија и вети поддршка од ОБСЕ за неговата имплементација.
„Ова е исчекор во вистинската насока за земјата кој придонесува и за стабилноста на регионот во целост. Исто така, ова претставува потврда на подготвеноста на политичките лидери за преземање суштински чекори кон зајакнување на демократските процеси и враќање на довербата на народот во институциите. Треба да им се честита и на еврокомесарот Хан и неговите партнери за нивната помош во постигнувањето на овој договор“, изјави Дачиќ.
„Ги охрабрувам сите страни да го спроведат договорот во целост и во духот на добрата волја, при што ОБСЕ е подготвена да понуди и своја експертска помош. Особено значајни ќе бидат предвремените избори во Април следната година, кои треба да бидат спроведени согласно меѓународните стандарди“, изјави тој.