Oбразовните права во мултикултурните општествата во фокус на конференцијата организирана од ОБСЕ во Скопје
СКОПЈЕ, 1 ноември 2016 г. – Дводневна конференција за образовните права во мултикултурните општествата започна денес во Скопје, на која учествуваат стотина претставници на државните институции, граѓанското општество, меѓународната заедница како и претставници на сите заедници во земјата.
Конференцијата, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование и наука, со поддршка на Високиот комесар за национални малцинства (ВКНМ), исто така ја одбележува 20-годишнината на „Хашките препораки за образовните права на националните малцинства“.
Целта на дебатата е повторно да се даде примат на образовните права и интегрираното образование во рамките на еден поширок процес на општествена интеграција, согласно со Насоките од Љубљана за интеграција на разнолики општества на ВКНМ од 2012 година.
„Постојаната актуелност на Хашките препораки лежи во суштинската улога на образованието во зачувувањето на идентитетот на секој поединец,” рече шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Нина Соумалаинен. “Ова е уште поважно денес во општествата каде што на образованието може и треба да се гледа како на движечка сила на интеграцијата.”
Министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, рече: „Во демократските општества не е доволно да се препознае и да се промовира културата на малцинствата, идентитетот и политичките интереси, за да се обезбеди одржлив развој за поединците и за заедницата. За таа цел, неопходно е државата да развие свои мерки и да имплементира политики кои ја поддржуваат интеграцијата и заедништвото во земјата.“
Алесандро Рота, виш советник на ВКНМ рече: „Целта е да се овозможи секој ученик да има корист од поинклузивните образовни можности. И државата е таа која треба да го обезбеди ова, согласно наведеното во Насоките од Љубљана. Таквата одговорност вклучува промовирање на интеграцијата во општеството и заштита на мултикултурноста“.
Дискусијата исто така ќе се фокусира на анализа на влијанието и постојаната актуелност на Хашките препораки согласно развојот на меѓународната рамка, стандардите и ставарноста во остварувањето на правата на малцинствата и предизвиците.