Повеќе од 700 ученици од 30 училишта на настанот „Градиме мостови“ поддржан од ОБСЕ
СКОПЈЕ, 3 октомври 2015 - Повеќе од 700 ученици од 30 училишта низ целата земја се собраа денеска на настанот „Градиме мостови“, организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, да поминат еден ден со пеење, театарски претстави, спортски игри и танцување.
Пред публиката настапија и музичките ѕвезди кои се и дел од одборот на Фондот, Ребека и Тони Зен заедно со Флека бенд, како и учесничката на Икс фактор Албанија, Канита Сума.
"Големиот интерес покажува дека училиштата, наставниците, родителите и учениците гледаат потреба за зголемување на интеракцијата меѓу нивните заедници и, секако, не се плашат или не се рамнодушни, како што некои можеби ќе кажат," рече Заменичката-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорката Маријане Берец.
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми рече: "Богати се оние кои имаат голем број пријатели и се способни да ги разберат сите, иако зборуваат различни јазици и им припаѓаат на различни заедници. Нашата држава е пример за тоа како се гради, негува и почитува мултикултурализмот ".
Амбасадорот на Швајцарија Стефано Лазарото ја истакна целосната поддршка на Амбасадата за проектот и неговите резултати. "Ние сме среќни дека придонесовме за создавање на инструмент за поттикнување на соработка, размена и прифаќање меѓу различните училишта и заедници."
Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, рече: "Среќни сме да ве видиме сите вас заедно, без оглед на вашата етничка и верска припадност, како градите мостови на пријателство и разбирање, мостови кои водат кон просперитетно општество."
Фондот „Градиме мостови“ е дизајниран за потребите на учениците и претставува заедничка заложба на Министерството за образование и наука, Швајцарската амбасада, Амбасадата на Кралството Холандија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Овој Фонд дава поддршка на заедничките активности во училиштата кои вклучуваат ученици од сите заедници, со цел да се зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната средина.