Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поддржува напорите за решавање на проблемот со дискриминација на Ромите на граничните премини
СКОПЈЕ, 14 октомври 2015 година – Конференцијата, која со поддршка на ОБСЕ се одржа денеска во Скопје, имаше за цел да ги собере на едно место препораките за справување со проблемот на дискриминација на Ромите на граничните премини, на кои често им се ограничува слободата на движење, под изговор дека се потенцијални баратели на азил.
Настанот беше организиран од Канцеларијата на Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
"Ги охрабруваме властите да обезбедат еднаков третман на сите како што е предвидено во Уставот, вклучувајќи и еднаков третман на граничните премини," рече Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен. "Принципот на недискриминација треба да се почитува."
Народниот правобранител, Иџет Мемети, рече: "Властите мора да сторат сé што е во нивна моќ, за ниту еден граѓанин не се чувствува дискриминиран. Дискриминацијата е болен феномен, кој создава чувство на исклученост од заедницата, особено во мултиетничко и мултикултурно општество кое се заснова на различност."
"Комитетот смета дека проблемот со Ромите на граничните премини не е само ограничување на слободата на движење, туку и проблем на расно профилирање," изјави Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.
"Сите случаи кои беа пријавени кај нас покажаа дека Ромите се извадени од автобусите врз основа на бојата на кожата или врз основа на нивното име и презиме, што ја одредува нивната етничка припадност. Затоа, не можеме да зборуваме само за поединечни случаи, туку за дискриминација на целата етничка заедница."
Мисијата работи на градење на капацитетите на Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација во промовирање на толеранцијата, со фокус на создавање правни алатки за ефикасно функционирање.