Генералниот секретар на ОБСЕ Заниер ги охрабрува континуираните заложби за демократски реформи, завршувајќи ја неговата посета на Скопје
СКОПЈЕ, 1 декември 2015 - Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, завршувајќи ги дискусиите денеска во Скопје, ги охрабри политичките лидери да продолжат со посветеноста кон тековниот политички процес и навременото спроведување на Договорот од Пржино во целост и со добра волја.
Заниер даде признание за напредокот на земјата во решавање на политичката криза, додавајќи дека процесот е во важна фаза. "Треба да се преземат понатамошни важни чекори во насока на зајакнување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите на земјата."
Тој ја нагласи важноста на претстојните избори во април 2016 година. "Сите страни мора да ги превземат потребните чекори за да ги испочитуваат крајните рокови за предвремените парламентарни избори." Заниер го истакна значењето на граѓанското општество во градењето и зајакнувањето на демократијата. "Граѓанското општество треба да биде охрабрено да преземе улога во процесот на промовирање и враќање на довербата кај луѓето, со што се зацврстува стабилноста, која е предуслов за раст на земјата."
Заниер, исто така рече, дека иако најмногу внимание се посветува на тековното спроведување на Договорот од Пржино, Охридскиот рамковен договор (ОРД) останува уште еден клучен фактор за стабилноста на земјата и регионот.
Тој, истакна дека ОБСЕ, со своето присуство на теренот, нуди континуирана експертиза и поддршка за спроведување на договорите, како и на изборите и на работата на Специјалниот обвинител.
Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорката Нина Суомалаинен, рече: "Нашата мисија е тука за да ги охрабри и да понуди поддршка на владата и на властите во зачувување на динамиката на спроведување на реформите и одржување на дијалогот со сите засегнати страни."
За време на посетата, Заниер се сретна со Претседателот Ѓорге Иванов, Премиерот Никола Груевски, Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, посредникот на ЕУ, Питер Ванхауте, како и со претставници на невладините организации и на меѓународната заедница.