25 години жени, мир и безбедност: Унапредување на инклузијата на жените и еднаквите можности во Северна Македонија
Годинава се одбележуваат 25 години од Резолуцијата 1325 на ОН за жени, мир и безбедност – пресвртница во препознавањето на виталната улога на жените во градењето мир, стабилност и демократија.
Повеќе од две децении, Мисијата на ОБСЕ во Скопје работи да ја претвори оваа заложба во акција. Работејќи со државните институции и граѓанското општество, Мисијата го промовира учеството на жените во процесот на носење одлуки, ја зајакна инклузивната безбедност и ги унапреди еднаквите можности на жените и мажите со цел создавање цврсти темели за траен мир.
Зајакнување на политичката застапеност
Преку долгорочна поддршка на Собранието, Мисијата помогна тоа да стане пример за родово сензитивно владеење. Последователни Акциски планови за еднакви можности на жените и мажите како и измени на Деловникот и таргетирани обуки за пратениците и службите ги отворија вратите за повеќе лидерки. Денес, жените се застапени во 40 проценти од местата во Собранието – една од највисоките стапки во регионот.
Промовирање лидерство на жените во безбедносниот сектор
Во партнерство со Министерството за внатрешни работи, Мисијата воведе Програма за родово менторство која го трансформираше лидерството во полицијата. Од 2017, повеќе од 150 службеници – жени и мажи – учествуваа во програмата, а застапеноста на жените на виши полициски позиции се зголеми за 18 проценти. Слични иницијативи се усвојуваат во други јавни институции, што покажува дека различноста и инклузијата придонесуваат за попрофесионални и поотчетни јавни услуги насочени кон луѓето.
Спречување насилство врз жени и девојки
Прекудимензионалниот пристап на Мисијата ги зајакнува одговорите и отчетноста на институциите при спречување насилство врз жени и девојки. Напорите вклучуваат обучување полициски кадети и службеници за родово сензитивни техники на интервјуирање, подобрување на условите во просториите за интервју за да се заштити достоинството на преживеаните како и развивање алатки засновани на докази за рана превенција. Во 2025, работата кулминираше со воспоставувањето на Опсерваторијата за фемицид – колаборативна иницијатива со цел подобрување на собирањето податоци, внатреагенциска соработка и полициска акција против фемицидот.
Зајакнување на соработката помеѓу жените и институциите за човекови права
За да се погрижиме дека гласот на жените се слуша и нивните права се заштитени, Мисијата поттикна соработка помеѓу бранителки на човекови права, граѓански организации и национални институции за човекови права, вклучително и Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Оваа соработка резултираше со Партиципативна родова ревизија и Акциски план за интегрирање на родот и различноста, водејќи сметка дека и двете институции променуваат инклузивен пристап во нивната работа. Заеднички иницијативи за обука и известување ги подобрија документацијата и одговорите на случаите на дискриминација и родово базирано насилство, создавајќи поефективни механизми за отчетност и заштита.
Вметнување на еднаквоста во правото и политиките
Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за информатичко општество и администрација, во 2024 година Мисијата помогна да се развие Прирачникот за процена на влијанието на регулативата врз родовата еднаквост – сега задолжителна алатка потребна при разгледување на сите нацрт-закони. Со него се обезбедува дека сите нацрт-закони се оценети за своето влијание врз жените и мажите, зајакнувајќи правични и инклузивни процеси на креирање политики и практики на владеење.
Како што светот одбележува 25 години од агендата за жени, мир и безбедност, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја реафирмира својата заложба за охрабрување на жените и поттикнување еднакви можности како клуч за траен мир и стабилност.
„Од суштинско значење за мирот и демократската безбедност е обезбедувањето еднакви можности на жените и мажите за учество во процесите на носење одлуки. Преку силно партнерство и постојана заложба, Северна Македонија продолжува да демонстрира дека напредокот е можен кога секој има глас и улога во обликувањето на иднината“, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
#SheForPeace #WithWomenForPeace #WPSMatters #GenderEquality #OSCESkopje