ОБСЕ ги презентира наодите од истражувањето за благосостојбата и безбедноста на жените во Северна Македонија
Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Одделот за родова рамноправност на ОБСЕ на 15 мај 2019 година во Скопје презентираа истражување што покажува дека насилството врз жените во Северна Македонија честопати е недоволно пријавено и дека некои форми на физичко и сексуално насилство се широко распространети во земјата.
Истражувањето открива дека постои нагласена потреба од поголема поддршка и насочена акција за помош на жените од малцинските групи и од руралните средини.
Истражувањето е прво од ваков вид спроведено во Југоисточна Европа и Источна Европа. Тоа дава детална слика за физичкото, сексуалното и психолошкото насилство што го трпат жените и девојките во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Молдавија и Украина. Истражувањето, исто така, го опфати Косово.
Тоа има за цел да обезбеди цврсти докази за информирано донесување одлуки и застапување на различни нивоа со цел намалување на насилството врз жените, како и за подобрување на услугите за жените кои доживеале насилство.
„Родовото насилство останува една од најраспространетите и постојани повреди на човековите права на глобално ниво, што влијае на животот на жените и девојките низ земјите и регионите. Тоа е закана за безбедноста и сигурноста на сите. За нас во ОБСЕ, ова структурно насилство не е само кршење на човековите права на жените и девојките, туку исто така и безбедносно прашање“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Премиерот Зоран Заев, кој беше домаќин на презентацијата на наодите, рече:
„Разгледувајќи го извештајот на ОБСЕ еден податок ме загрижи. Само два проценти од испитаните жени кои имаат доживеано насилство од нивните партнери во полиција пријавиле дека станува збор за сериозен инцидент. Насилството врз жените е неприфатливо и ние треба да се справиме со ова итно. Нашата влада е посветена на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.„
Амарсана Дарисурен, виш советник за родови прашања на ОБСЕ рече дека без оглед на географската положба, нивото на просперитет или големина на населението, насилството врз жените е распространето во сите земји во светот. „Сè уште постои голем јаз во информирањето кога станува збор за насилството врз жените, и потребни се стабилни и веродостојни податоци. Ова истражување нуди информации потребни за преземање акција. Сега е време да се преземат конкретни чекори за да се спречи насилството врз жените и девојките“, рече таа.
Извештајот за Северна Македонија може да се најде на:
https://www.osce.org/secretariat/419264
Главните резултати од истражувањето може да се најдат на следниот линк: