Тркалезна маса подржана од ОБСЕ за унапредување на правата на помалите заедници, со акцент на образованието, културата и медиумите се одржа во Скопје
СКОПЈЕ, 6 декември 2017 – Виши претставници на министерствата за образование, култура и информатичко општество и администрација дискутираа денес во Скопје за начините на унапредување на правата на помалите заедници. Дискусијата, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со националната Агенција за остварување на правата на заедниците има за цел охрабрување на дијалог за правична застапеност и подобрување на правата на заедниците во образованието, културата, јавната администрација и медиумите.
„Културата на помалубројните заедници е големо богатство за нашата земја, таа заслужува почит и внимание. Културата е инструмент, преку кој најдобро се артикулира и се восприема различноста“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски. „Оваа средба е одлична можност, не само за вреднување на направеното, туку и за изнаоѓање на нови пристапи и начини за унапредување на правата и можностите за напредок на сите граѓани подеднакво.“
Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски рече: „Што се однесува на правичната застапеност на припадниците на помалубројните заедници во државата, сакам да потенцирам дека е воспоставен механизам за имплементација на уставното начело за соодветна и правична застапеност на заедниците во секоја инситуција во јавниот сектор.“
Раководителот на Одделот за човекова димензија на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Гонзало де Чезаре рече: „Ние во ОБСЕ веруваме дека заштитата на правата на поединецот и заедниците, почитувањето на различноста, промовирањето на културните и јазичните богатства на земјата и охрабрувањето на меѓуетничката комуникација се клучни за едно инклузивно и праведно општество за сите.”
В.д. директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман рече: „Агенцијата ќе придонесе во креирањето на едно општество еднакво за сите, во кое припадниците на помалубројните заедници ќе бидат рамноправни граѓани. Сакаме да се подобри образованието на мајчин јазик на јазиците на заедниците, да ја подобриме правичната застапеност во институциите, да имаме функционални редакции на заедниците во јавниот сервис.”