Специјалната претставничка на претседавачката со ОБСЕ ги заврши посетите на Црна Гора и Северна Македонија
ВИЕНА/ХЕЛСИНКИ, 9 мај 2025 – Специјалната претставничка на претседавачката со ОБСЕ, амбасадорката Терхи Хакала, денеска ја заврши официјалната посета на Црна Гора и Северна Македонија. Патувањето ја реафирмираше заложбата на ОБСЕ за стабилност, безбедност и зајакнување на институциите во Југоисточна Европа.
Во Подгорица, специјалната претставничка се сретна со премиерот, Милојко Спајиќ, спикерот на Парламентот, Андрија Мандиќ, генералната директорка на Генералниот директорат за мултилатерални работи при Министерството за надворешни работи, Низахета Курпејовиќ-Цикотиќ како и со претседателските советници за надворешна политика и европски работи, Ирена Прелевиќ и Милош Радоњиќ. За време на нејзината посета, Хакала ја истакна важноста на тековниот реформски процес на државата кон постигнувањето на нејзините национални стратегиски цели.
„Мисијата на ОБСЕ има силно партнерство со Црна Гора и ќе продолжи да обезбедува помош по мерка за унапредување на реформската агенда на Црна Гора. Ова особено се однесува на зајакнувањето на демократијата, продолжувањето на борбата против корупцијата и организираниот криминал како и промовирањето на медиумска слобода и писменост“, изјави амбасадорката Хакала.
Во Скопје, амбасадорката Хакала се сретна со државната секретарка при Министерството за надворешни работи, Елена Кузмановска, како и со советникот за надворешна политика на премиерот, Сашо Марковски. Таа исто така се сретна и со заменикот-генерален секретар на Собранието, Никола Ѓошевски. Специјалната претставничка ја истакна активната и конструктивната улога на Северна Македонија во рамките на ОБСЕ, која беше нагласена со нејзиното претседавање со Организацијата во 2023.
„Работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е голем дел од постојаната посветеност на Организацијата кон Северна Македонија. Мисијата продолжува да ја демонстрира својата релевантност и вредност прилагодувајќи се кон еволуирачките потреби на државата, поддржувајќи ги институциите-домаќини во области усогласени со приоритетите на претседателството, како што се демократско владеење, владеење на правото и инклузивен дијалог“, изјави специјалната претставничка Хакала.
За време на нејзините посети, специјалната претставничка Хакала се сретна и со тимови од Мисијата на ОБСЕ во Црна Гора и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на кои им честиташе за нивната посветеност и вредна работа на терен. Додека присуствуваше во Северна Македонија, специјалната претставничка ја посети теренската канцеларија на ОБСЕ во Тетово и се сретна со вработените таму.
И во двете држави, амбасадорката Хакала се сретна со претставници на граѓанското општество кои работат на клучни прашања како владеење на правото, човекови права, родова еднаквост, улогата на младите во безбедноста, медиумска слобода и безбедност на новинарите како и слобода на изразување.