Фондот поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, продолжува да гради мостови меѓу заедниците
СКОПЈЕ, 18 февруари 2016 година – Фондот Градиме мостови, кој е подржан од ОБСЕ и започна во 2014 година, ќе продолжи и трета година по ред, објави денеска Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен.
Фондот нуди грантови за општините, студентите, професорите, родителите и училиштата, да организираат активности кои ќе ги зближат претставниците на различните заедници.
„Околу 75 училишта и повеќе од 2.000 деца беа вклучени од почетокот на 2014 година во најразлични активности, кои имаат цел да ги зближат учениците од различните етнички заедници", рече Суомалаинен. "Овие активности се одлична алатка за младите подобро да ја разберат важноста и придобивките од различноста во едно мултикултурно општество".
Фондот Градиме мостови е заеднички проект на Министерството за образование и наука, Амбасадата на Кралството Холандија, владите на Ирска и Швајцарија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
"Целта на проектот Градиме мостови е да создаде врски меѓу децата од различна етничка и верска припадност и да помогне тие полесно да се разберат и да учат едни од други", рече Амбасадорот на Холандија, Вутер Пломп. "Ова е во согласност со мотото ’Создаваме врски’ на претседателството на Европската унија, кое во првите шест месеци од годинава е во рацете на Холандија.
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми рече: "Мултикултурализмот е еден од главните столбови на нашето општество. Да се живее во земја во која функционираат, работат и заедно создаваат многу заедници, е индивидуален успех за сите нас, но и за целата држава.
Познатите музички уметници Тони Зен, Венера Лумани и Ребека се дел од Советодавниот одбор на Фондот.
Повеќе информации за Фондот Градиме мостови и за тоа како да се пријавите за грант, се достапни на Градиме мостови.