Публикациите за стандардите за анти-дискриминација поддржани од ОБСЕ, промовирани во Скопје
СКОПЈЕ, 28 октомври 2015 година – Денеска во Скопје беа промовирани двете публикации поддржани од ОБСЕ, за стандардите за спречување на дискриминацијата, чија цел е да помогнат за зајакнување на капацитетите на судството и граѓанското општество.
Првата публикација "Практикум на Законот за спречување и заштита од дискриминација" ја опишува постапката по која делува Националната комисија за антидискриминација и нуди компаративна анализа на различните европски модели.
Втората публикација „Пресуди од Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската унија“ е компилација од меѓународната судска пракса во однос на случаите на дискриминација.
"Публикациите ќе бидат корисна алатка за правниците во третирањето на случаите против дискриминација, следејќи го домашното законодавство и меѓународните стандарди", рече Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен.
Публикациите, кои ги подготвија Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Академијата за судии и јавни обвинители и Комисијата за заштита од дискриминација, ќе бидат испратени до сите правници кои работат во областа на анти-дискриминацијата.
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, рече: "И двете изданија се исклучително добра алатка, бидејќи тие се кодификација на сите првични дела кои се користат во случаи на дискриминација пред Комисијата и националните судови, со цел да се обезбеди ефективна заштита од дискриминација ."
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, рече дека Академијата продолжува да ја користи судската пракса како еден од најважните елементи во обуките на правниците. "Ние веруваме дека покрај домашните случаи, колекцијата на пресуди што ги одразуваат гледишта на Европскиот суд за човекови права и на Судот на правдата на Европската унија во однос на заштитата од дискриминација, ќе биде еден од столбовите врз кои ќе се гради наставната програма во оваа област во текот на следните години. "
Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува со поддршката во градење на капацитетите на правниците кои работат во областа на борбата против дискриминацијата, заедно со Академијата за судии и јавни обвинители и Адвокатската комора, преку обуки, семинари и преку развивање ресурси.
Вкупно 270 судии и 130 адвокати беа обучени во периодот од 2011-2015 година.