ОБСЕ започнува проект за зајакнување на капацитетите на Центрите за соработка меѓу полицијата и царината во Југоисточна Европа
СКОПЈЕ, 25 октомври 2016 г.– Проект на ОБСЕ за зајакнување на капацитетите на Центрите за соработка меѓу полицијата и царината во Југоисточна Европа, беше промовиран денес на конференција во Скопје на која присуствуваа началници на полиција, гранична полиција и царински служби од Западен Балкан.
Проектот е предводен од Отсекот за гранична безбедност и управување на Одделот за транснационални закани при Секретаријатот на ОБСЕ, се спроведува во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и има за цел да ги поддржи развојот и одржливоста на регионалната соработка меѓу Центрите за соработка меѓу полицијата и царината, преку зајакнување на капацитетите на Центрите во Југоисточниот регион.
„Улогата на Центрите за соработка меѓу полицијата и царината е многу важна, бидејќи тие ја унапредуваат постојната прекугранична соработка и овозможуваат размена на аналитички и оперативни информации, со цел подобро справување со транснационалниот организиран криминал“ – рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен. „За ефективно справување со транснационалните закани, потребни се регионален концепт и соработка помеѓу повеќе институции.“
ОБСЕ веќе неколку години ги промовира Центрите за соработка меѓу полицијата и царината како добра стратешка практика и политика на прекугранична соработка.
Денис Косгров, началник на Отсекот за гранична безбедност и управување, ги поздрави „искрените напори на земјите-членки на ОБСЕ во Југоисточниот дел на Европа за зајакнување на соработката“ и изрази надеж дека ОБСЕ може да пружи корисна поддршка за понатамошно зајакнување на капацитетите на Центрите во регионот.
Во текот на првиот ден од конференцијата учесниците разменија мислења за расположливите капацитети и функционирањето на Центрите. Во текот на вториот ден, национални експерти од регионот, во соработка со поканети експерти од Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, со поддршка на Љубљанскиот секретаријат на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ Љубљана), Европската полициска канцеларија (Европол), Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), Светската царинска организација (СЦО), Регионалниот центар за миграција, Регионалната иницијатива за азил и бегалци (МАРРИ) и Германската федерална полиција, заедно ќе работат на подготовка на акциски план за теренска проценка на Центрите, како прв чекор во пресретнување на потребите на Центрите.