Учесниците на Конференцијата за медиуми во Југоисточна Европа повикуваат на итна акција за заштита на новинарите и подобрување на слободата на медиумите
СТРУГА, 11 мај 2018 г.– Во текот на изминатите два дена над 160 учесници, меѓу кои и учесници од медиумите, владите и организациите на граѓанскиот сектор од целиот регион на Југоисточна Европа имаа собир во Струга да дискутираат за најитните предизвици за слободата на медиумите и да дадат препораки за унапредување на слободата на печатот и медиумската средина во регионот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и заменик министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Артемиса Драло, се обратија на конференцијата, заедно со Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир.
По драматичното пукање во Оливера Лакиќ на 8 мај во Црна Гора, учесниците усвоија Декларација повикувајќи ги државите да работат повеќе на заштита на новинарите и слободата на медиумите во регионот.
„Многу новинари и понатаму се малтретирани, заплашувани и напаѓани за нивната работа, и кривичните дела против новинарите остануваат претежно неказнети. Неказнивоста е неприфатлива“ рече Дезир. Учесниците на конференцијата повикаа на целосна и транспарентна истрага на секој напад и секоја закана против новинар. „Државата ја има одговорноста да обезбеди сите сторители максимално да се соочат со правото“ изјави Дезир.
Конференцијата исто така се фокусираше на работните услови на новинарите, независноста и одржливоста на јавните радиодифузери, која треба да биде гарантирана, саморегуалција на медиумите, подобрување на професионалните стандарди, влијанието на дигитализацијата на медиумите и прашањето за „лажни вести“ во регионот.
Учесниците го нагласија големиот проблем на политичкото мешање во сферата на медиумите во многу земји, вклучително и преку економски и административни мерки, и ја нагласија потребата од креирање на поголем простор за вистински плурализам и развој на независните медиуми.
„Владите и креаторите на политики треба да го негуваат и заштитуваат независниот и разновиден печат. Постои потреба од јасно разбирање за суштинската улога на медиумите во демократијата. Токму затоа, нападите на слободата на медиумите мора да се третираат како напад на целото општество“ рече Дезир. „Со оглед на бројните предизвици и закани, неопходно е и да се зајакне солидарноста помеѓу новинарите.“
По конференцијата, заклучоците и препораките ќе бидат испратени до властите на различните земји за да се изградат политики кои ќе ја поддржуваат слободата на медиумите како клучен елемент на демократијата во регионот.
Конференцијата за медиуми во Југоисточна Европа (#SEEMC) беше во организација на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со поддршка на Мисиите на ОБСЕ во Југоисточна Европа.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите ги следи настаните во сферата на медиумите во сите 57 земји челенки на ОБСЕ. Тој обезбедува рано предупредување за повреди на слободата на изразување и слободата на медиумите и се залага за целосно придржување до заложбите на ОБСЕ за слобода на медиумите. Повеќе информации на www.osce.org/fom, Твитер: @OSCE_RFoM и www.facebook.com/osce.rfom.