Гласачите имаа јасен избор во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, но не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања: меѓународни набљудувачи
Скопје, 3 ноември 2025 – Вториот круг од изборите за градоначалници во Северна Македонија им понуди на гласачите избор меѓу политички алтернативи и кампањата беше конкурентна во поголемиот дел од општините, но не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања и продолжи вклученоста на владини претставници во изборниот процес, како и постојаните наводи за притисоци врз избирачите, заедно со бројните обвинувања за купување гласови, што претставува загриженост, соопштија денес меѓународните набљудувачи од ОБСЕ – Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Иако изборното законодавство опфаќа одредени аспекти од изборниот процес во вториот круг, неколку клучни области остануваат нерегулирани, нејасни или недоволно прецизирани. Законот, исто така, нема јасна временска рамка и детални правила за техничките подготовки за гласањето.
„Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови,” изјави Матео Мекачи, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР. „Го набљудуваме изборниот процес од почетокот на септември и иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување на демократски избори, и понатаму постојат бројни недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање на изборни спорови.”
Вториот круг од изборите за градоначалници се одржа во општините каде што првиот круг, на 19 октомври, ниту еден кандидат не освои апсолутно мнозинство. Изборната администрација ги спроведе подготовките за изборите ефикасно и генерално уживаше висок степен на доверба од јавноста. Изборниот процес на денот на гласањето беше генерално оценет како добро организиран, професионален и мирен, иако набљудувачите забележаа загриженост поради честото следење на гласачите.
Набљудувачите забележаа дека изборната комисија некои пријави ги групираше наместо да ги разгледува поединечно, а нејзиниот ригиден и прекумерно формалистички пристап доведе до ограничено истражување на одредени случаи, што предизвикува загриженост за правичната постапка и правото на ефикасно средство на правна заштита. Позитивно, надлежниот суд ги разгледуваше жалбите на целосно темелен начин, придржувајќи се кон утврдените законски процедури и во седници отворени за јавноста.
Како и во првиот круг, основните слободи на изразување, како и слободата на здружување и собири беа почитувани и учесниците во изборите имаа можност слободно да водат кампања. Сепак, тонот на кампањата беше по воздржат отколку во првиот круг, со поедични случаи на лични напади од страна на каднидати и партиски лидери едни кон други. Континуираната вклученост на владини претставници во кампањата понекогаш ја замаглуваше границата меѓу државата и партијата. Се задржаа загрижувачките пријави за притисок врз вработени во јавниот сектор и гласачи, како и бројните пријави за купување гласови.
Обврските за известување за финансирањето на кампањата останаа ограничени и во вториот круг, а отсуството на надзор ја поткопа транспарентноста и ја намали одговорноста. Ниту една од институциите задолжени за надзор на финансирањето на кампањата не започна постапка против кандидати кои не ги исполниле обврските за известување пред првиот круг, што дополнително ја намали јавната доверба.
Медиумското покривање во информативните програми на сите радиодифузери кои беа мониторирани од набљудувачката мисија генерално беше неутрално. Во исто време, државните буџетски средства за политичко рекламирање и времето за емитување беа распределени меѓу кандидатите според истата формула која беше применета во првиот круг, што ги става во неповолна положба независните кандидати и партиите кои не се застапени во парламентот и ефективно ги исклучува помалите партии со парламентарна група. Неколку кандидати исто така изразија загриженост поради манипулативни наративи на социјалните мрежи, а беа забележани повеќе случаи на вознемирувачка реторика во онлајн просторот.
Набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори во Северна Македонија започна на 5 септември и ќе остане во земјата до 12 ноември.
За повеќе информации, контактирајте ја:
Катја Андруш: +48 609 522 266 or katya.andrusz@odihr.pl