Локалните избори во Северна Македонија беа конкурентни, но негативно засегнати од правни недостатоци и политичка поларизација: меѓународни набљудувачи
Скопје, 20 октомври 2025 година – Кампањата за локалните избори во Северна Македонија беше конкурентна, а избирачите имаа широк избор на политички алтернативи. Сепак, според денешната изјава на меѓународните набљудувачи, изборите беа негативно засегнати од системски правни празнини и недостатоци во надзорот на финансирањето на кампањата, како и од политичка поларизација и длабоко јавно разочарување со политиките, рекоа меѓународните набљудувачи во изјава денес.
Заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа (Конгресот) и Европскиот парламент (ЕП) утврди дека иако правната рамка обезбедува основа за одржување демократски избори, таа содржи бројни празнини и недостатиг на јасност во повеќе области. Истовремено, минатогодишните законски измени, иако земаа предвид дел од препораките на ОДИХР, оставија поголем дел од претходно дадените препораки неисполнети.
„Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран и претежно мирен изборен ден вчера, но и понатаму остануваат загрижувачки недостатоци во изборното законодавство, кои го поткопуваат работењето на институциите,” изјави Матео Мекачи, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР. „Решавањето на клучните аспекти од изборниот процес кои бараат реформи - од финансирањето на кампањата до еднаквите можности за кампања во медиумите за сите кандидати - ќе остане во фокусот на нашата работа, вклучително и за време на набљудувањето на вториот изборен круг на 2 ноември.
Основните слободи беа генерално почитувани за време на кампањата и кандидатите во изборите имаа можност слободно да водат кампања. Во истовреме, иако не го прекршува законот, градоначалници и високи владини функционери отвораа, посетуваа или промовираа инвестициони и инфраструктурни проекти и пред, и за време на официјалниот период на кампањата, што претставува поткопување на правните гаранции за да се превенира злоупотреба на јавни ресурси и е во спортивност на меѓународните стандарди. Извештаите за наводен притисок врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и опозициски кандидати, како и купување гласови од страна на политички партии, беа исто така загрижувачки
Приближно 1,72 милиони граѓани со постојан престој во земјата имаа право на глас. Изборната администрација ги спроведе подготовките ефикасно и генерално уживаше доверба од јавноста. Сепак, се изнесоа некои загрижености во врска со нејзината независност, бидејќи таа главно е составена од јавни службеници. Денот на изборите општо беше мирен, иако беа забележани некои недостатоци во процедурите, како што е групно гласање и несоодветно мешање од страна на претставниците на кандидатите.
Жените сѐ уште се недоволно застапени во јавниот и политичкиот живот. Иако законот предвидува 40 отсто родова квота на кандидатските листи, само 32 од вкупно 309 кандидати за градоначалници беа жени. Дискусиите за родова еднаквост и женски права во голема мера отсутствуваа од кампањата. Набљудувачите забележаа загриженост во врска со сексистичката реторика насочена кон кандидатките жени и општо кон учеството на жените во политиката, особено на интернет.
“Го поздравуваме фактот дека денот на изборите беше генерално добро организиран“, рече Гобнит Ни Вимнехан, шефица на делегацијата од Конгресот на Советот на Европа. “Сепак, малиот број жени кандидати за градоначалници и недостатокот на пристапност за гласачите со попреченост и постарите лица остануваат да бидат од сериозна загриженост. Отсуството на локални медиуми, особено надвор од главниот град, е исто така голем проблем, ограничувајќи го покривањето на локалните прашања - кои треба да бидат централни за кампањата за локални избори - придонесувајќи за истакнување на националните теми, дополнително поларизирајќи ја изборната средина.“
Системските недостатоци во правната рамка којашто го регулира финансирањето на кампањите, во комбинација со ограничените капацитети на надзорните органи во земјата, ја попречија ефикасната проверка на финансирањето на кампањите. Јавните средства сочинуваат значаен дел од вкупното финансирање на кампањите, но формулата за распределба значително ги фаворизираше големите парламентарни партии, исклучувајќи ги помалите партии со пратеничка група, и понуди само ограничени можности за други мали партии и независни кандидати.
“Ги сослушавме сите наши соговорници со интерес и внимание. Иако европската интеграција не беше во центарот на изборната кампања, од повеќето од нив разбравме дека мнозинството партии и заедници во Северна Македонија остануваат посветени на членството во ЕУ,“ изјави Марта Темидо, шефица на делегацијата на Европскиот парламент. “Затоа им препорачуваме на новоизбраните локални власти да го унапредат процесот на европски реформи во својата земја.“
Медиумската сцена е разновидна, но фрагментирана по политички и етнички линии. Истовремено, неповолните услови за работа и ограничените човечки ресурси во медиумскиот сектор влијаат врз квалитетот на известувањето. Мониторингот на медиумите од страна на набљудувачката мисија покажа дека известувањето за изборите од страна на радиудифузерите беше генерално избалансирано. Кампањата на социјалните мрежи во голема мера е нерегулирана, а не постои надлежен орган со мандат да ја следи изборната кампања на социјалните мрежи и да открива дезинформации или манипулативна содржина.
Меѓународната набљудувачка мисија за локалните избори во Северна Македонија, составена од вкупно 275 набљудувачи од 40 земји, од кои 253 ОДИХР експерти и долгорочни и краткорочни набљудувачи, 15 членови и вработени од конгресот и 7 парламентарци и вработени од ЕП.
За повеќе информации, ве молиме контактирајте ги:
Катја Андруз, ОДИХР: +48 609 522 266 or katya.andrusz@odihr.pl
Стефани Поирел, Конгрес: +33 6 63 55 07 10 or stephanie.poirel@coe.int
Рафаел Луис, ЕП: +32 470952279 or raffaele.luise@europarl.europa.eu