Вториот круг избори во Северна Македонија беше во натпреварувачки дух, но и понатаму имаше наводи за притисок врз гласачите, велат набљудувачите на ОДИХР
Скопје, 1 ноември 2021 г. – Вториот круг локални избори во Северна Македонија беше во натпреварувачки дух, и изборната администрација вложи напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг. Меѓутоа, негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжија да имаат негативно влијание на изборите, според денешната изјава на меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Лицата што ги спроведуваат изборите ги извршија техничките подготовки за вториот круг избори во законските рамки. По преземените мерки за да се одговори на техничките проблеми од првиот круг, денот на изборите од вториот круг се одвиваше непречено, но сепак и понатаму се забележаа некои недостатоци. Поради несоодветното постапување по приговорите, се отежна ефективната употреба на првните лекови и некои лица беа лишени од правото на глас.
Додека од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи, тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето на кампањата во првиот круг, се намали транспарентноста.
Радиодифузерите кои беа мониторирани од ОДИХР им обезбедија доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите општо земено беа неутрални. Најголемите парламентарни партии уживаа системска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што независните кандидати и кандидатите од помалите партии беа во значително незавидна положба.
„Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни, за независните кандидати како и за оние што ги застапуваат помалите партии,“ изјави Тана де Зулуета, шефицата на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР. „Со подобрувања на изборната рамка може да се постигне рамнотежа со тоа што ќе се одговори на системските нееднаквости во можностите за водење кампања, како и да се насочи вниманието на начините на кои ќе се зголеми учеството на жените во политичкиот живот“.
Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија започна со работа на 7 септември, со тим од 16 експерти со седиште во Скопје. Во вториот круг во мисијата беа вклучени 23 набљудувачи од 13 земји. За приближно два месеци ќе биде објавен конечниот извештај со препораки за подобрување на изборниот процес.
За дополнителни информации, контактирајте ја:
Катја Андруш, ОДИХР, + 48 609 522 266 или katya.andrusz@odihr.pl