Локалните избори во Поранешната југословенска Република Македонија конкурентни, темелните слободи почитувани, и покрај кредибилни наводи за прекршоци, велат меѓународните набљудувачи.
Скопје, 16 октомври 2017 – Одржувањето на локалните избори на 15 октомври во поранешната југословенска Република Македонија придонесе кон зајакнувањето на довербата во демократскиот процес, заклучија меѓународните набљудувачи во прелиминарна изјава издадена денес. Изборите се одржаа во конкурентно опкружување, каде кандидатите генерално можеа да водат кампања без ограничувања, а темелните слободи на здружување и изразување беа севкупно почитувани. Некои кредибилни наводи за купување гласови, притисок врз гласачите и изолирани случаи на насилство се случија во предизборниот период. Мониторираните медиуми понудија непристрасно покривање на натпреварувачите и ја потпомогнаа можноста за политичка дебата. Иако беа воочени некои процедурални нерегуларности, изборниот ден главно протече уредно, рекоа набљудувачите.
„Вчерашните локални избори беа генерално во согласност со меѓународните стандарди, а се надеваме дека ова ќе биде придонес за натамошен одржлив развој на локално ниво, за да се подобрат животните услови за сите граѓани на оваа земја“ рече Карим Ван Овермеире, Шеф на Делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.
„Иако процесот се’ уште не е завршен, на овие избори се виде напредок во демократскиот процес на оваа земја и довербата на гласачот во изборниот протест расте. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг“ – рече Амбасадорката Одри Гловер, Шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.
Законската рамка на земјата обезбедува заштита на темелните права и слободи, вклучувајќи ги и малцинските права, и претставува солидна основа за спроведување демократски избори, рекоа набљудувачите. Иако измените и дополнувањата изминатите години се осврнаа на извесен број претходни препораки на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права и на Советот на Европа, и натаму има недостатоци, вклучувајќи ограничувања на регистрацијата на независни кандидати и ограничени права на правен лек. Доцната ревизија на Изборниот законик резултираше со промена на составот на Државната изборна комисија (ДИК). Ова е во спротивност со меѓународната добра пракса.
И покрај организационите предизвици, изборната администрација се погрижи гласачите да имаат можност да ги остварат своите гласачки права, се вели во изјавата. Сепак, дел од регулативата на ДИК е во контрадикција со законодавството. Седниците на Комисијата беа отворени за набљудувачите, па сепак материјални одлуки често се носеа на затворени седници. Позитивно е што процесот на регистрација на кандидатите беше инклузивен, а се презедоа и чекори да се олесни остварувањето на гласачкото право за лицата со попречености. Голем број од соговорниците искажаа растечка доверба во интегритетот на избирачкиот список, додека некои и натаму изразуваат загриженост околу спроведувањето на условот за живеалиште.
Прашањата околу учеството на жената во јавниот живот не беа обработувани во тек на кампањата, забележаа набљудувачите. Составот на ДИК го исполни барањето за 30 проценти родова застапеност; сепак, тој не секогаш беше почитуван на пониските нивоа. Некои од кандидатските листи го исполнија законското барање за родов баланс, а сепак беа регистрирани.
Јавните медиуми обезбедија за сите учесници бесплатно медиумско време, но го искористи само мал број учесници, се вели во изјавата. Во платеното политичко рекламирање на приватните медиуми доминираа двете најголеми партии. Телевизиските дебати беа добро организирани, но не учествуваа сите поканети кандидати. Медиумскиот регулатор поведе неколку прекршочни постапки во врска со политичкото рекламирање, неизбалансираното известување и објавувањето анкети. Иако регулативата за финансирање кампањи е подобрена последниве години, согласно со претходните препораки, таа не обезбедува целосно соодветна транспарентност. Повеќето учесници не се придржуваа целосно кон законските барања за поднесување прелиминарни извештаи за финансирање на кампањите.
И покрај уверливите причини за загриженост околу прекршувањата, ДИК и другите органи примија само неколку поплаки, од кои некои се под истрага, се вели во изјавата. Извесен број соговорници ги информираа меѓународните набљудувачи дека немаат доверба во способноста на изборната администрација и судовите непристрасно да постапуваат по предметите поврзани со изборите.
Пристапот на граѓанските набљудувачи до сите фази на процесот придонесе кон транспарентноста и понуди непартиска оценка на изборите. Над 3 000 набљудувачи беа акредитирани на денот на изборите. Предвременото гласање и денот на избори течеа уредно во најголем дел од земјата. Ангажираните за изборите генерално ефикасно го олеснуваа гласањето и се придржуваа кон пропишаните процедури. Сепак, меѓународните набљудувачи забележаа некои повторени нерегуларности, вклучувајќи групно гласање и нарушена тајност на гласањето. Во тек на сумирањето, процедурите главно се почитуваа, иако во некои случаи набљудувачите немаа јасен поглед врз внесувањето податоци. ДИК почна да ги објавува прелиминарните резултати набргу по затворањето на избирачките места, што придонесе кон транспарентноста; сепак, резултатите не беа расчленети по избирачко место, што ја ограничи можноста за увид во нив.
За натамошни информации контактирајте со:
Мариа Кучма, ОБСЕ/ОДИХР, 389 72318231 или + 48 609 038346, maria.kuchma@odihr.pl
Ренате Зикмунд, Конгрес на локални и регионални власти на Советот на Европа, + 33 659 786 455, renate.zikmund@coe.int