Правните експерти преку проектот на ОБСЕ/ОДИХР ќе учат како да се служат со материјалите на МКСПЈ
Скопје, 20 јуни 2011 – Денеска во Скопје започна серијата од четири тренинг обуки за користење и истражување на документите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСПЈ). На обуката присуствуваат дваесет учесници од судовите и обвинителствата.
Обуката, спроведена од МКСПЈ е дел од проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ во организација на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ и финансиран од Европската унија.
Целта на овој проект е зголемување на капацитетот на правните експерти во регионот за процесирање на предмети поврзани со воени злосторства.
Обуката ќе им помогне на домашните правници кои работат на сложени случаи на воени злосторства преку базите на МКСПЈ да ги пронајдат информациите и документите кои се релевантни за нивната работа. Исто така, обуката го покрива и поднесувањето барање до МКСПЈ за правна помош и заштитни мерки според Правилата на процедурите и доказите на Хашкиот трибунал.
Регионалниот координатор на проектот Романа Швајгер вели дека е мошне важно за домашните правни институции да стекнат познавања како да дојдат до материјалите на МКСПЈ пред да престане функционирањето на Трибуналот.
„Обуката ќе им помогне на вработените во домашните институции да научат како да дојдат материјалите кои се достапни на јавноста и кои им се потребни за домашните случаи, како и да поднесат барање до Трибуналот за документи кои не се објавени на веб страницата на МКСПЈ,“ рече Швајгер.
Проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ е регионален проект од четири милиони евра финансиран од Европската унија и спроведен од ОДИХР во партнерство со МКСПЈ, Регионалниот институт за истражување на криминал и правда при ООН и мисиите на ОБСЕ.
Проектот е финансиран од Европската унија.
За повеќе информации јавете се на Санела Туновиќ од проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ +387 61 539 535 и-мејл: wcip@odihr.pl