Обвинителите од регионот и МКСПЈ во рамките на ОДИХР проектот ќе се сретнат во Скопје да дискутираат за воените злосторства
Скопје, 15 јуни 2011 – Дваесет обвинители од регионот ќе се сретнат денеска во Скопје со нивните колеги од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСПЈ) да разменат искуства на правни теми поврзани со обвиненијата за случаите на воени злосторства.
Средбата е организирана како дел од проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ финансиран од ЕУ и спроведен од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, во партнерство со МКСПЈ, Регионалниот институт за истражување на криминал и правда при ООН и мисиите на ОБСЕ. За првпат во ваков формат, овој настан ги собра обвинителите од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и земјата домаќин.
Регионалниот координатор на проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ рече: „Редовните дискусии на правни теми помеѓу правниците-практичари од регионот придонесуваат за зацврстување на врските. Овие технички средби се дополнување за веќе поставениот процес на политички прашања поврзани со меѓудржавната соработка за случаите на воени злосторства.“
Темите на дневниот ред беа договорени во консултација со обвинителите од земјите учеснички, и се протегаат од процедурални измени предизвикани од реформите на кривичното законодавство, па се до заштитата на сведоци и докажување на кривичната одговорност.
Обвинителот во МКСПЈ, Серж Брамерц, подвлече: „Ние посветуваме посебно внимание на размената на искуство и знаење помеѓу Канцеларијата на обвинителот на МКСПЈ и националните обвинители. Како што продолжува работата на Хашкиот трибунал, ние ќе останеме посветени на поддршка на националните обвинителства и напорите за зацврстување на соработката при случаите на воени злосторства.
Настанот ќе се одржи во Академијата за обука на судии и обвинители во Скопје со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ е регионален проект од четири милиони евра и неговата цел е да го зголеми капацитетот на судските системи во регионот за процесирање на предмети поврзани со воени злосторства.
Проектот е финансиран од Европската унија.
За повеќе информации јавете се на Санела Туновиќ од проектот „Спроведување на правдата во случаите на воени злосторства“ +387 61 539 535 и-мејл: wcip@odihr.pl