Доброто владеење предуслов за кохезија во општеството, вели Високиот комесар Tорс при посетата на Скопје
СКОПЈЕ, 18 февруари 2015 година - Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Астрид Торс, заедно со Претседавачот на ОБСЕ, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, е во посета на Скопје. Посетата е дел од поддршката на демократските реформи и подобрување на регионалната соработка.
Торс ја повтори сериозната загриженост за моменталната политичка ситуација и импликациите за долгорочната стабилност. Високите комесари беа ангажирани во земјава повеќе од две децении во обид да ги посочат предизвиците во градењето стабилно мултиетничко општество. Сепак, последните случувања, може да претставуваат ризик за интеграцијата на општеството, предупреди Торс.
„Плурализмот, владеењето на правото и човековите права, вклучувајќи ги тука и малцинските права, се предуслов за интеграција на општеството,“ рече Торс.
Торс рече дека ќе биде од суштинско значење решавањето на политичката криза да биде направено на начин на кој ќе се врати довербата во институциите. „Доколку не се обезбедат сите потребни гаранции, можно е продлабочување на кризата што ќе остави долгорочни последици на интеграцијата на земјата. Важно е меѓународната заедница внимателно да го следи процесот,“ рече таа.
Во време на криза, етнички поларизираните земји се особено ранливи на проблематични агенди чија цел се искористување на постојните тензии во општеството,“ рече Торс. Таа ги повика политичките лидери да преземат одговорност и да не дозволат овие случувања да добијат меѓуетничка димензија.
За време на посетата, Торс се сретна со лидерите на владината коалиција и со претставници на опозицијата и граѓанскиот сектор.