Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Арлем Дезир разговара за реформите во медиумите и ги поздрави позитивните чекори во Скопје
СКОПЈЕ, 15 ноември, 2017 година - Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир, за време на неговата посета на Скопје денес, пофали неколку позитивни медиумски реформи, притоа истакнувајќи ја потребата за подобрување на општата медиумска ситуација во земјата.
За време на средбата со Премиерот Зоран Заев, Претставникот разговараше за измените во законот за аудиовизуелни медиуми, реформите во јавниот сервис и за безбедноста на новинарите. Дезир ја поздрави одлуката на новата влада да ја стави слободата на медиумите на врвот на приоритетите.
Тој, исто така, се сретна со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и со Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
На своите средби, Дезир разговараше за предлог-амандманите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложени од Министерството за информатичко општество и администрација. Канцеларијата на претставникот во тесна соработка со Министерството, организираше правна анализа на нацрт-законот. Претставникот ја понуди својата континуирана помош за време на целиот процес.
Целосниот текст на анализата е достапен тука: https://www.osce.org/fom/356701.
„Мојата канцеларија ќе продолжи со обезбедување на сета потребна помош во овој многу важен процес. Го поздравувам активниот ангажман на новинарските здруженија и невладините организации и организациите на граѓанското општество во јавните консултации во врска со нацрт-законот,“ рече Дезир, нагласувајќи ја потребата процесот на изготвување на законот да биде отворен и транспарентен.
Дезир, исто така, се осврна на прашањето на јавниот радиодифузен сервис, неговата улога и предизвиците кои треба да се решат. „На јавниот сервис му треба модел на финансирање кој на ниту еден начин нема да ја поткопа неговата независност и ќе овозможи да ја извршува својата мисија на јавен сервис. Со цел да се спроведат овие потребни реформи, многу е важно јавниот сервис да остане институција со високи професионални стандарди, ослободена од политички притисок и во служба на сите граѓани,“ рече Дезир.
Една од темите кои беа дискутирани за време на посетата, беше безбедноста на новинарите. "Безбедноста е еден од главните услови за слободни и отворени медиуми. Драго ми е да слушнам дека Владата ќе го третира ова прашање како приоритет,“ рече Дезир, додавајќи дека сторителите на неколку напади врз медиумските професионалци во земјата мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
Претставникот, исто така, поздрави некои позитивни реформи во медиумскиот сектор, вклучувајќи ја и одлуката на Владата да им обезбеди бесплатен пристап на новинарите до документите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности и да го укине владиното рекламирање во сите медиуми.
За време на неговата посета, Дезир се сретна и со медиумски професионалци, меѓу кои и претставници на здруженијата на новинари, Советот за етика во медиумите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Институтот за комуникациски студии, Јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Тие разговараа за општата медиумска ситуација во земјата, актуелните предизвици и идната соработка.
"Многу го ценам конструктивниот дијалог со властите и медиумската заедница и се надевам дека нашата соработка ќе резултира со подобрена медиумска ситуација во земјата", заклучи Дезир.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите ги следи настаните во медиумите во сите 57 земји-членки на ОБСЕ. Тој предупредува за кршењето на слободата на изразување и слободата на медиумите и промовира целосна усогласеност со обврските на ОБСЕ за слобода на медиумите. Дознајте повеќе на www.osce.org/fom, Twitter: @OSCE_RFoM и на www.facebook.com/osce.rfom.