Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, УНХЦР, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Високиот комесар за бегалци на ОБСЕ и ОДИХР ги здружуваат силите за да се стави крај на бездржавјанството во Југоисточна Европа
СКОПЈЕ, 17 октомври 2023 година – Решавање на случаите на бездржавјанство во Југоисточна Европа и обезбедување државјанство за сите новородени деца до крајот на 2024 година се заложбите на националните власти и претставниците на граѓанското општество на регионалната конференција што се одржа денеска во Скопје, Северна Македонија.
Конференцијата е организирана од Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства (ВКНМ) и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), под покровителство на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
За да ги исполнат своите заложби, националните власти и претставниците на граѓанското општество од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија ги сумираа достигнувањата во регионот. Тие, исто така, идентификуваа активности за промовирање на соодветен пристап до граѓанска документација - основно човеково право за секого.
„Бездржавјанството е глобален феномен кој влијае на милиони луѓе, лишувајќи ги од нивните основни права, пристап до основните услуги и пред сè достоинство. Справувањето со бездржавјанството е наш заеднички потфат и борба. Само со заедничка работа, со добра волја и искрени напори, можеме да ја исполниме нашата заедничка мисија за искоренување на оваа дилема. Чистата политичка волја на Северна Македонија насочена кон целосно искоренување на бездржавјанството ја покажува нашата цврста посветеност да обезбедиме правен идентитет за идентификуваните нерегистрирани лица до крајот на 2023 година“, рече претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на отворањето на настанот.
„Видовме значителни чекори, но сè уште не сме надвор од проблемот. Потребна е континуирана политичка волја за исполнување на преземените обврски за спречување и решавање на бездржавјанството. Решенијата се лесни и на дофат - зашто бездржавјанството може да се реши само со еден потег на пенкалото - доколку владите се подготвени да преземат акција“, изјави помошник Високата комесарка за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, рече дека со работа на спречување и справување со бездржавјанството кај националните малцинства, земјите-учеснички на ОБСЕ не само што ги поддржуваат принципите на еднаквост и правда, туку придонесуваат и за долгорочен мир, стабилност и социјална кохезија.
„Затоа е важно сите ние колективно да работиме кон тоа на националните малцинства во регионот на ОБСЕ, а овде особено зборувајќи за Југоисточна Европа, да им обезбедиме пристап до државјанство. Ова ќе ги зајакне нашите напори за промовирање на инклузивни општества и ќе поттикне заедничко чувство за припадност“, нагласи Абдрахманов.
„Луѓето без државјанство често остануваат невидливи во нашите општества и не можат да го уживаат целиот спектар на нивните човекови права. Правото на државјанство е втемелено во Универзалната декларација за човекови права и секоја земја на ОБСЕ се обврза да го обезбеди ова право. ОДИХР ќе продолжи да ги поддржува земјите ширум регионот на ОБСЕ во нивните напори за спречување и ставање крај на бездржавјанството“, нагласи Матео Мекачи директорот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права.
„Во Северна Македонија е постигнат значителен напредок. Земјата го забрза процесот на регистрација, покажувајќи дека кога сите релевантни чинители, вклучително и Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Собранието, Министерството за труд и социјална политика, нашата Мисија и УНХЦР соработуваат, неверојатното станува остварливо“, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Од успехот на Северна Македонија може да се извлечат неколку добри практики, кои се надевам ќе ги инспирираат другите“.
Од усвојувањето на Декларацијата од Загреб за пристап до граѓанска документација и регистрација во Југоисточна Европа во 2011 година, и нејзините препораки за елиминирање на основните причини за бездржавјанство, над шест илјади лица без државјанство се стекнале или го потврдиле своето државјанство и земјите од регионот презедоа чекори за отстранување на дискриминацијата од процедурите за регистрација на родените, обезбедување граѓанска документација без дискриминација и воведување заштитни мерки за спречување на детството без државјанство. Со пристапувањето на Северна Македонија кон Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961 година во 2020 година, сите земји од југоисточниот дел сега се потписнички на обете Конвенции на ОН за бездржавјанство од 1954 и 1961 година.
УНХЦР и ОБСЕ се подготвени да ги поддржат владите и граѓанското општество за да се стави крај на бездржавјанството. Со приклучување кон Глобалната алијанса за ставање крај на бездржавјанството, нова иницијатива која го забрзува изнаоѓањето решенија за бездржавјанството, владите имаат можност да ја обноват својата посветеност на оваа кауза.