Вести
News and press releases
Вести и соопштенија за јавноста од глобалните активности на ОБСЕ
Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавува наоди и препораки за млади и безбедност во Северна Македонија
Publishing date: 2 септември 2024
Скопје, септември 2024 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје објави детално истражување на тема „Млади и безбедност: перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“, кое дава повеќе информации за загриженоста, перцепциите, предизвиците и очекувањата на младите од земјата во однос на безбедноста и сигурноста. Истражувањето открива увиди од суштинско значење за креатори на политики, релевантни институции на сите нивоа, едукатори и граѓански организации, а предлага конструктивна рамка и патеки за подобрен развој и подобрено спроведување политики. Во него се истакнува важноста од колаборативен пристап со цел да се обрне внимание на прашањата и загриженоста кои се идентификувани преку целни интервенции кои имаат за цел да ја зголемат младинската вклученост во развој на политики заснован на докази и на локално и на национално ниво. Соработката помеѓу засегнатите страни е од суштинско значење со цел да се обезбеди поинформирана, поангажирана и побезбедна средина за младите ширум регионот. Истражувањето беше спроведено на ниво на државата во септември и октомври 2023, опфати 1235 телефонски разговори со испитаници на возраст од 15 до 29 години, а беа спроведени и интервјуа со фокус-групи и засегнати страни. Анализата дава широк спектар на загриженост и искуства во следниве клучни области: Перцепцијата на младите за сегашното ниво на сигурност и безбедност како и очекувањата за наредните пет години. Мнозинство од испитаниците (54 %) сметаат дека земјата е донекаде безбедна или целосно безбедна, но сепак има 17% од младите што сметаат дека земјата не е безбедно место. Повеќе од една четвртина (27 %) очекуваат дека ситуацијата ќе се влоши. Особено, младите жени се чувствуваат помалку безбедно во споредба со младите мажи, а регионалните разлики се очигледни, посебно во Североисточниот регион. Разбирање за и учество на младите во формални и неформални мировни процеси: Студијата открива многу ниско концептуално знаење и разбирање за градењето мир, со тоа што само 26 % од испитаниците се запознаени со концептот, додека 87 % не знаат за активности од страна на властите поврзани со градење мир и младинска безбедност. Вклученоста во мировни и безбедносни иницијативи е особено ниска, само 6 % од младите активно учествувале во такви активности во текот на изминатата година. Постои видлива потреба од зголемена свесност и вклученост на младите во напорите за градење мир. Нивото на свесност на младите за спречување насилен екстремизам и радикализација и ставови за реинтеграција: 53 % од испитаниците не ја сметаат радикализацијата како сериозно прашање во нивните заедници, а 38 % изразуваат загриженост за нејзиното присуство. Примарните двигатели на радикализацијата се идентификувани како политички фактори, економски разлики и религија. Постои особено колебање кај младите за поддршка за реинтеграција на поранешни екстремисти, со тоа што 43 % се двоумат да поддржат ресоцијализација на осудени поединци. Перцепцијата за и искуството на младите со сите форми на насилство: 59 % од испитаниците сметаат дека насилството меѓу младите е „целосно присутно“. Речиси секое петто младо лице (18 %) вклучено во ова истражување или има искусено или посведочено насилство или и двете. Се чини дека младите мажи имаат искусено повеќе физичко насилство за разлика од младите жени (80 % наспроти 66 %), додека, пак, младите жени се чини дека имаат искусено или посведочено повеќе вербално насилство споредено со младите мажи (84 % наспроти 76 %). Студијата исто така истакнува и вознемирувачки тренд на насилство во училиштата, па така 81 % од помладите испитаници (од 15 до 18 години) имаат искусено или посведочено насилство во образовна средина. Сајбер-малтретирање: речиси половина од испитаниците (42 %) во истражувањето се чувствуваат „безбедно“ или „целосно безбедно“ кога користат интернет, додека, пак, околу 20 % не се чувствуваат така. Релативно голем процент од испитаниците (38 %) се чувствуваат „ниту безбедно, ниту небезбедно“. Тоа може да значи дека се потребни дополнителни истражувања за да се истражат причините зад ваквата перцепција како и можно дополнително целно подигање на свеста за сајбер-безбедноста. Исклучување и дискриминација: речиси една третина (31 %) од испитаниците ја идентификуваат етничката припадност како првиот основ за дискриминација и исклучување, по која следат економскиот статус и политичката припадност. Во меѓувреме, 11 % од испитаниците истакнаа дека лично искусиле дискриминација. Се чини дека младите жени повеќе биле предмет на дискриминација за разлика од младите мажи, па така и етничките Роми во споредба со етничките Албанци или Македонци. Истражувањето покажува особен јаз во младинското учество во процесите на носење одлуки и на локално и институционално ниво. Доверба во властите и другите луѓе и односите меѓу заедниците: се чини дека довербата во институциите е генерално ниска, со тоа што владата и политичките лидери добија слаби оценки. Најголема доверба уживаат полицијата, верските лидери и граѓанските организации. Се чини дека младите имаат поделени ставови за нивото на доверба во луѓе од различно етничко потекло, со тоа што 57 % искажуваат ограничена општа доверба во луѓето од различно етничко потекло, а 43 % велат дека имаат доверба во нив. Сепак, општиот став за меѓуетничките односи/односите меѓу заедниците е помалку поделен, со тоа што 46 % ги оценуваат како „ниту добри ниту лоши“, а 41 % како „добри“. За да пристапите до целосното истражување, посетете ги линковите подолу. Перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија- Истражување за млади и безбедност | OSCE Perceptions, views and challenges of young people in North Macedonia- Research on Youth and Security | OSCE Perceptimet, qëndrimet dhe sfidat e të rinjve në Мaqedoninë e Veriut- Hulumtim për të rinjtë dhe sigurinë | OSCE
Прва помош за полициски кучиња
Publishing date: 24 јуни 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Контрола на оружје, Гранично управување, Полициско работење
Исто како и луѓето, службените кучиња ги ризикуваат своите животи во полициските операции и бараат итна прва помош кога се повредени. Брзата реакција од нивните водичи може да им го спаси животот на овие добро тренирани и лојални животни. Денес започнува првата регионална обука за грижа и прва помош на службени кучиња. Преку ваквата иницијатива, водичите на службени кучиња и експерти од пет јурисдикции ќе се сретнат за да ги унапредат своите вештини за подобрување на работата со кучиња, нега на кучиња и нивна прва помош. Учесниците ќе добијат практична обука од експерти на Германската федерална асоцијација на кучиња за спасување, една од најискусните и најголемите организации во Европа, која работи со кучиња за пребарување и спасување. Толкување на говорот на телото на кучето, прва помош за повредени кучиња и други реални сценарија за тренирање, ќе бидат предмет на 5-дневната обука што ќе се одржи во новоформираниот Центар за обука на полициски кучиња во Ѓорче Петров. Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи се домаќини на оваа обука, која претставува клучна компонента на напорите на Mисијата на ОБСЕ за подобрување на капацитетите на Единицата за службени кучиња во земјата и регионот. Програмата ќе ја подобри соработката во заедничките акции на службените кучиња низ Западен Балкан, а учесниците ќе се здобијат со вештини и знаења неопходни за успешно извршување на важни задачи како што се гранична контрола, откривање на нелегално оружје и спречување на нивна злоупотреба. Новиот најсовремен Регионален К9 Центар за обука и сертификација, основан со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има капацитет од 40 оградени боксови за кучиња. Центарот е во согласност со највисоките стандарди за благосостојба на животните, спречување на болести, професионални практики за ракување со кучиња и воспоставување на соодветни стандарди за сместување.
Стрип-натпревар: Дајте ѝ шанса на инклузијата!
Publishing date: 20 мај 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Млади, Толеранција и недискриминација
Изборите во Северна Македонија беа конкурентни и гласачите беа добро информирани, иако процесот останува недоволно регулиран: меѓународни набљудувачи
Publishing date: 9 мај 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: OSCE Office for Democratic Institutions and Human Rights
What we do: Избори
СКОПЈЕ, 9 мај 2024 година – Вториот круг на претседателските избори и парламентарните избори во Северна Македонија беа конкурентни, а обемната и плуралистичка кампања им помогна на гласачите да донесат информирана одлука, но беа извалкани со негативна реторика со националистички слогани, како и со недостатоци во законодавството и недоволен надзор над финансирањето на кампањата, се вели во денешното соопштение на меѓународните набљудувачи.
Претседателските избори во Северна Македонија беа конкурентни и севкупно добро спроведени, но обележани со одредени законски празнини и негативна реторика, велат меѓународните набљудувачи
Publishing date: 25 април 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: OSCE Office for Democratic Institutions and Human Rights
What we do: Избори
СКОПЈЕ, 25 април 2024 година – Кампањата за претседателските избори во Северна Македонија беше конкурентна и беа почитувани основните слободи, вклучувајќи ја и слободата на медиумите, но важни сегменти од претседателската трка вклучувајќи ги правилата за кампањата, пристапот до медиумите и распределбата на државното финансирање не се регулирани, што го поткопува клучниот принцип на правна сигурност, се вели во денешното соопштение на меѓународните набљудувачи.
ОБСЕ/ОДИХР ја отвора набљудувачката мисија во Северна Македонија
Publishing date: 21 март 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: OSCE Office for Democratic Institutions and Human Rights
What we do: Избори
Скопје, 21 Март 2024 – Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска ја отвори набљудувачката мисија во Северна Македонија за претседателските избори кои ќе се одржат на 24ти Април и парламентарните избори кои ќе се одржат на 8ми Мај, по покана на националните авторитети.
Нов ласерски систем за спречување нелегална употреба на оружје
Publishing date: 18 март 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
СКОПЈЕ, 18 март 2024 – Со воведувањето нов систем за управување со деактивирано огнено оружје, овозможено преку донацијата од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе се спречи злоупотребата на оружје и ќе се подобри безбедноста ширум Северна Македонија.