ОБСЕ/ОДИХР ја отвора набљудувачката мисија во Северна Македонија
СКОПЈЕ, 5 септември 2025 - По покана на националните власти, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска ја отвори мисијата за набљудување на локалните избори во Севeрна Македонија кои ќе се одржат на 19 октомври.
Мисијата е предводена од Матео Мекачи и се состои од 13 меѓународни експерти со седиште во Скопје. Дваесет и четири долгорочни набљудувачи ќе бидат распоредени низ целата држава од 11 септември. ОДИХР исто така побара 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе пристигнат во државата непосредно пред денот на изборите.
Мисијата ќе ги оценува изборите за нивната усогласеност со обврските на ОБСЕ и други меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и усогласеноста со националната легислатива. Набљудувачите ќе го следат процесот на регистрација на гласачи, регистрација на кандидати, активностите на изборните кампањи на терен и онлајн, работата на изборната администрација и други релевантни државни органи, употребата на технологијата во изборните процеси, спроведувањето на правната рамка, политичкото и кампањско финансирање и решавањето на изборните спорови. Тие ќе ја оценат и примената на претходните препораки на ОДИХР. Сеопфатното следење на медиумите е составен дел на набљудувачката мисија.
За време на набљудувањето, мисијата ќе одржува состаноци со претставници на националните органи и политички партии, како и претставници на судството, граѓанскиот сектор и медиумите. Приближно две недели пред изборите ќе биде објавен привремен извештај со цел редовно информирање на јавноста и медиумите за текот на набљудувањето.
На денот на изборите, мисијата на ОДИХР ќе го следи отворањето на избирачките места, процесот на гласање, броењето на гласовите и собирањето на резултатите. Ден по изборите, на прес-конференција ќе бидат презентирани првичните наоди и заклучоци. Конечниот извештај, со целосна оценка на изборниот процес и препораки, ќе биде објавен два месеци по завршувањето на изборниот процес.
Повеќе информации за активностите на ОДИХР за набљудување на избори во Северна Македонија се достапни на: https://www.osce.org/odihr/elections/north-macedonia
Контакти за медиуми:
Кира Гутникова, медиумска аналитичарка за мисијата за набљудување на изборите
Kira.Gutnikova@odihr.mk | +389 71 393 062 (Скопје, Северна Македонија)
Катја Андруш, портпаролка на ОДИХР
Katya.Andrusz@odihr.pl | +48 609 522 266 (Варшава, Полска)