Локалните избори во Северна Македонија беа конкурентни со почитување на основните слободи, но останува загриженоста околу правните недостатоци, велат меѓународните набљудувачи
СКОПЈЕ, 18 октомври 2021 – На локалните избори во Северна Македонија кандидатите можеа слободно да водат кампања и основните слободи беа широко почитувани, но бројните празнини во законот и законските измени направени близу до денот на изборите ја поткопаа правната стабилност и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампања, денес во изјава наведоа меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
„Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја“, рече Тана де Зулуета, шеф на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите. „Но, беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист “.
За прв пат во Северна Македонија беше воведена биометриската идентификација на гласачите за овие избори, и иако чекорот беше генерално поздравен како мерка за спречување измама, на временската рамка за нејзина имплементација на национално ниво недостасуваше пилот-проект или сеопфатно тестирање. На самиот ден на изборите, беа забележани чести проблеми со биометриските уреди за идентификација. Процесот на отворање и гласање беше позитивно оценет низ целата земја, но имаше проблеми како што се групно гласање, како и процедурални грешки при пребројување и сумирање.
Измените на изборното законодавство уживаа широка политичка поддршка, но беа усвоени само еден месец пред изборите без јавна дебата или консултација, што не е во согласност со меѓународната добра практика. Во исто време, изборната администрација ги запази повеќето законски рокови и направи напори да се прилагоди на неколку задоцнети измени. Сепак, нејзиниот капацитет и способност самостојно да ја извршува својата работа беа загрозени поради недостаток на постојан персонал и испразнети работни места на клучните позиции.
И покрај активната и генерално мирна изборна кампања, дебатите базирани на прашања беа засенети од зголемено негативната реторика, која особено беше насочена кон кандидатките. Родовата еднаквост и правата на жените во голема мера отсуствуваа од партиските кампањи, во кои жените исто така останаа недоволно застапени. Набљудувачите, исто така, забележаа изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи за притисок врз кандидатите да се повлечат како и купување на гласови.
Изборното законодавство предвидува сите медиуми, вклучително и онлајн медиумите, да ги покриваат изборите на фер, балансиран и непристрасен начин. Меѓутоа, строгото регулирање на програмите за вести кај јавниот радиодифузер за време на кампањата ја поткопува неговата уредувачка независност. Платеното рекламирање кај радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите за време на кампањата се финансира директно и исклучиво од државниот буџет, а неговото распределување обезбеди значителна предност за некои парламентарни партии, што не е во согласност со меѓународната добра практика.
„ОДИХР постојано ја нагласува потребата парламентот да преземе сеопфатна реформа во изборното законодавство во Северна Македонија, придружена со широка јавна консултација“, додаде г-ѓа Де Зулуета. „Тоа ќе овозможи да се донесе цврсто законодавство што ќе им служи на луѓето од оваа земја“.
Набљудувачката мисија на ОДИХР во Северна Македонија ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти со седиште во Скопје и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји. Мисијата го продолжува своето набљудување и за вториот круг, оценувајќи до кој степен изборите се одржуваат во согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.
За повеќе информации, контактирајте ја:
Катја Андруш, ОДИХР: +48 609 522 266 или katya.andrusz@odihr.pl