Европската унија, Советот на Европа и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) одпочнуваат три регионални проекти за подобрување на состојбата со малцинствата и ранливите групи во Западниот Балкан
Европската унија, Советот на Европа и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) заеднички одпочнаа три проекти насочени кон промоција на интеграцијата на малцинствата во Западниот Балкан, за време на настан организиран во Будва, од 27 до 29 јуни 2012 година.
Заедничкиот настан им овозможи на крајните корисници на проектите „Најдобри пракси за интеграција на Ромите“ – имплементиран од ОДИХР и теренските канцеларии на ОБСЕ, „Промоција на човековите права и заштитата на малцинствата во Југоисточна Европа“ и „Регионална иницијатива за инклузивно образование“ – двата имплементирани од Советот на Европа, да се запознаат како со овие проекти така и со регионалната рамка за координација на Европската унија во областа на интеграцијата на малцинствата во Западниот Балкан.
Зборувајќи на прес конференцијата во петокот, насочена кон финализација на настанот, претставниците на ЕУ, Советот на Европа и ОДИХР ги потенцираа заложбите на нивните организации за помош во подобрувањето на условите на малцинските заедници и ранливите групи преку интегриран и координиран пристап.
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Небојша Калуѓеровиќ, истакна колку е значајно за земјите од регионот јасно да разберат дека прашањата за основните човекови права, нивната промоција и заштита не треба да бидат разбрани во тесен национален контекст.
„Учествувајќи во овие проекти, сите ние ја потврдуваме нашата заложба да се осврнеме на прашањата од важност за ромската популација, промоцијата и заштитата на човековите и малцинските права и подршката на инклузивното образование од регионална перспектива, се со цел да постигнеме широко применливи решенија,“ рече Калуѓеровиќ.
Генералната директорка Габриела Батаини-Драгони (заменик Генерален Секретар во избор) од Советот на Европа, ја потврди потребата од комуникација помеѓу трите организации и националните чинители, и посочи дека прашањата кои се покриваат од страна на трите проекти се меѓусебно поврзани.
„Заштитата и промоцијата на малцинствата, правата на специфичните ромски заедници и инклузивното образование претставувват одделни гранки од едно пошироко прашање,“ рече Батаини-Драгони. „Ние предлагаме да се одтргнеме од проектниот менталитет кој не доволно ја зема предвид широчината на прашањата.“
„Состојбата со малцинствата и ранливите групи е особено тешка во регион кој беше сведок на вооружени конфликти, политички трансформации и економска транзиција во изминатите 20 години“, рече Алберто Камарата, вршител на должноста Шеф на Делегацијата на Европската унија во Црна Гора. „Убеден сум дека оваа интервенција треба да посегне кон оние ранливи групи со цел нивната состојба да биде видливо подобрена, преку нивната вклученост и без непотребно одложување. Остварувањето на оваа цел е исто така клучна во успехот на севкупната политика на ЕУ за проширување.“
„Задачите се јасни: евалуација, тестирање и споделување на постоечките добри пракси кои се ефективни во креирањето на видливи решенија за предизвиците со кои се соочува овој регион“ рече Андреј Мирга, Виш советник за прашања поврзани со Роми и Синти во ОДИХР. „Размената на конкретни најдобри пракси, исто така, ќе помогне во поефикасна имплементација на национално ниво. Дополнително на ова, регионалната соработка може да служи како катализатор за зајакнување на перформансите во поттикнувањето на неопходните реформи, а дополнителни стратешки и систематски пристапи може да произлезат на ова ниво, се со цел да се дополнат процесите кои се водат од страна на локалните чинители.“
Регионалниот пристап дизајниран да придонесе кон напорите на национално ниво беше избран за трите проекти врз основа на заедничките социјални, политички и економски контексти и проблеми во Западниот Балкан, како и во смисла на заедничките предизвици и цели кои земјите ги делат во процесот на пристапување кон ЕУ.
Трите проекти, со средства од Европската унија и ко-финансирање од Советот на Европа и земјите членки на ОБСЕ, ќе бидат имплементирани во наредните две до три години и ќе помогнат во поврзувањето на владите, граѓанското општество и останатите чинители во регионот во нивната работа насочена кон зајакнување на интеграцијата на малцинските заедници.