Властите и медиумите мора да ја почитуваат улогата на новинарството, рече Претставничката за слобода на медиумите на ОБСЕ во Скопје
СКОПЈЕ, 27 Октомври, 2011 - Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, ја заврши денеска нејзината прва официјална посета на Скопје, каде со новинарите и владата разговараше за состојбата со слободата на медиумите.
"По серијата загрижувачки случувања оваа година, беше важно да добијам информации од прва рака и заеднички да работиме на изнаоѓање решенија ", изјави Мијатовиќ.
За време на нејзината посета, Претставничката за слобода на медиумите се сретна со Премиерот Никола Груевски, Министерот за надворешни работи Никола Попоски, Вице-премиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи, Министерот за комуникации и транспорт, Миле Јанакиески, како и со Претседателот на Советот за радиодифузија Зоран Стефановски, Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, Претседателката на Синдикатот на новинари Тамара Чаусидис, Директорката на Медиумскиот институт Билјана Петковска, како и со останати медиумски претставници.
Недостатокот на целосна имплементација на правната рамка поврзана со слободата на медиумите, трансформацијата на МРТВ во професионален и одржлив јавен радиодифузен сервис, зачувување на независноста на регулаторното тело, политичкиот и економскиот притисок врз медиумите и новинарите, како и недостатокот на солидарност меѓу новинарите и нивните политички поделби
се главните предизвици за слободата на медиумите, заклучи Мијатовиќ.
"Излегувањето од сегашната сериозна криза бара сите, вклучувајќи ги политичарите, граѓаните, но и самите новинари и сопствениците на медиумите да разберат дека медиумите мора да и служат на јавноста и на општеството во целина, а не да дејствуваат во интерес на одредена партија, јавна личност или бизнис интереси", истакна Мијатовиќ. "Во исто време, мора да биде јасно дека не е работа на политичарите или на владата да им кажува на новинарите како да ја вршат својата работа. Медиумите и новинарите едноставно мора да бидат на страна на јавноста ".
Мијатовиќ ја поздрави заедничката иницијатива на Вице-премиерката Теута Арифи и Здружението на новинари за создавање на работна група која би ги идентификувала главните недостатоци во делот на слободата на медиумите и би подготвила акционен план со конкретни мерки за надминување на проблемите.
Државата најпрвин треба целосно да ја декриминализира клеветата: "Не е прифатливо во моментов да има165 случаи на клевета против новинари. Кривичната постапка и опасноста од високи казни претставуваат сериозен застрашувачки ефект за медиумите.
Во последниот случај, пратеник побара 15.000 евра за морална отштета од новинар, поради поставување "навредливо прашање" во насловот на текстот.
„Поставувањето прашања, вклучувајќи ги и оние провокативните, не е опција за новинарите, тоа е всушност нивна должност. Политичарите, особено поради јавната функција која ја имаат, мора да покажат повисок степен на толеранција", рече Мијатовиќ.
Таа додаде дека создавањето на тело за саморегулација ќе помогне во подобрување на професионалните стандарди и ќе спречи новинарите да поднесуваат тужби за клевета едни против други.
Мијатовиќ ги повика властите да го подобрат спроведувањето на законските одредби за медиумската сопственост, како би се спречила нелегалната концентрација и политичкото влијание во медиумите, како и да создадат одредби за транспарентност на владиното рекламирање.
Мијатовиќ понуди помош од нејзината Канцеларија во анализа медиумската легислатива и усогласување со европските стандарди и заложбите на ОБСЕ за слобода на медиумите.