Вести
News and press releases
Вести и соопштенија за јавноста од глобалните активности на ОБСЕ
Новиот Регионален центар: Револуција во борбата против криумчарењето оружје
Publishing date: 30 септември 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
Во контекст на непрекинатите безбедносни предизвици во Југоисточна Европа, постигнат е дострел во борбата против транснационалните закани и организираниот криминал. Денеска, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го отвори новиот најмодерен Регионален К9-центар за обука и сертификација во Ѓорче Петров, клучен чекор во борбата против недозволената трговија со огнено оружје во регионот. Центарот ќе биде средиште за континуирана обука и регионална соработка. Тој е повеќе од надградба – тој вклучува изградба на нови простории за К9 и подобрување на работните услови во постојните простории. Подобрена е и мобилноста на К9-тимовите преку донацијата од 14 специјализирани возила и три приколки, со кои се овозможува побрзи, поефикасни полициски одговори ширум регионот. Официјалното отворање на Центарот означува почеток на нова ера на оперативна ефикасност и соработка, со долготрајни ефекти врз регионалната безбедност, способностите на органите за спроведување на законот како и партнерствата. За напорите за подобрување на капацитетите за детектирање МЛО Подобрувањето на капацитетите за детектирање спаѓа во рамките на вонбуџетскиот проект на Мисијата „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје (МЛО)“. Финансиран од Белгија, ЕУ, Франција, Германија, Норвешка, Словачка и САД, проектот придонесе за суштински напредок при подобрувањето на капацитетите за детектирање на Единицата за службени кучиња во земјата. Дознајте повеќе за проектот за МЛО овде.
Конкурс за есеи
Publishing date: 16 септември 2024
Отворен за: студенти на дипломски и постдипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Југоисточен Европски Универзитет. Краен рок за поднесување на есеите: 15 ноември 2024 Награди: трите најдобри есеи ќе добијат ваучери за ИТ опрема Проектот „Зајакнување на владеењето на правото и човековите права во Северна Македонија III“ има за цел да го зајакне владеењето на правото и човековите права преку спроведување на меѓународните стандарди и обврски на ОБСЕ во областа на правосудството и темелните права, во согласност со стратешките приоритети на Северна Македонија. Проектот е насочен кон различни предизвици во областите на независноста и непристрасноста на правосудството, кривичното право, борбата против корупцијата, дискриминацијата, родовата рамноправност и темелните права во Северна Македонија, кои што се дел од владините документи за јавна политика и меѓународните експертски проценки. По успешното завршување на серијата предавања за борба против корупцијата, организирани во соработка со четири национални универзитети (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола и Југоисточен Европски Универзитет), и покажаниот интерес на студентите, а со цел да се поттикне активната вклученост во борбата против корупцијата, Мисијата на ОБСЕ во Скопје организира натпревар во пишување на есеи за студенти. Натпреварот за есеи беше инспириран од покажаниот интерес на студентите кои учествуваа на предавањата за борба против корупцијата, каде добија инспиративни предавања од неколкумина, академици, професионалци и активисти во областа на борба против корупцијата. Авторите на трите најдобри есеи ќе добијат ваучери за купување на ИТ опрема. Рокот за испраќање на есеите е до 15 ноември 2024. Есеите треба да бидат базирани на добро фактичко разбирање за комплексната природа на корупцијата и претставување на реалистични идеи за намалување на корупцијата. Авторите треба да имаат еден или повеќе аргументи поврзани со избраната тематска анализа, кои треба да бидат разработени и поддржани со некои веродостојни извори од академската, правната или политичката литература. Следствено, авторите се поттикнуваат да го изложат своето лично мислење, но треба да се осигураат дека таквото мислење е базирано на веродостојни и убедливи докази. Есеите треба да бидат напишани на добро структуриран и јасен начин, со соодветна употреба на јазикот. Есеите треба да се базираат на една од следните општи теми: Корупција и млади Корупција и избори/финансирање на политички партии Кривични аспекти на корупцијата Корупција и род Овие теми служат како генерален правец, но авторите имаат слобода да ги напишат есеите со поспецифичен фокус, се додека се во рамки на една од четирите општи теми. Есеите ќе бидат анонимно евалуирани од комисија од три професори, кои ќе ги оценуваат есеите според следните критериуми: Тема на есејот и релевантност (макс. 25 поени) Креативност и оригиналност на предложените аргументи и решенија (макс. 25 поени) Аргументација и употреба на докази и извори (макс. 25 поени) Јазик, структура и јасност (макс. 25 поени) Есеите треба да бидат напишани на англиски јазик, со употреба на Times New Roman, големина на фонт 12 и проред 1.5, и треба да бидат долги помеѓу 1400 и 1600 зборови (3 страници). Подолгите есеи нема да бидат разгледани. Есеите треба да бидат оригинална работа на авторите. Секој знак на плагијаризам (вклучувајќи го користењето на Chat GPT) ќе биде казнет со исклучување од натпреварот. Инфо сесија За заинтересираните студенти, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе организира онлајн информативна сесија, со подетални упатства за подготовка на конкурентен есеј, една недела пред крајниот рок за испраќање на есеите. За добивање на информации за точното време и датум за сесијата и zoom линк, испратете електронска порака на Diana.Zhupanoska@osce.org со вашите информации. Процес на аплицирање Инструкциите за конкурсот за есеи се достапни и на англиски и на албански јазик. Авторите треба да ги испратат своите есеи на Diana.Zhupanoska@osce.org до 15 ноември 2024 како PDF документ. За да се олесни процесот на анонимна оценка, авторите треба да го наведат своето целосно име и презиме и името на универзитетот во пријавата испратена по е-пошта, но не и во испратениот PDF документ.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавува наоди и препораки за млади и безбедност во Северна Македонија
Publishing date: 2 септември 2024
Скопје, септември 2024 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје објави детално истражување на тема „Млади и безбедност: перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“, кое дава повеќе информации за загриженоста, перцепциите, предизвиците и очекувањата на младите од земјата во однос на безбедноста и сигурноста. Истражувањето открива увиди од суштинско значење за креатори на политики, релевантни институции на сите нивоа, едукатори и граѓански организации, а предлага конструктивна рамка и патеки за подобрен развој и подобрено спроведување политики. Во него се истакнува важноста од колаборативен пристап со цел да се обрне внимание на прашањата и загриженоста кои се идентификувани преку целни интервенции кои имаат за цел да ја зголемат младинската вклученост во развој на политики заснован на докази и на локално и на национално ниво. Соработката помеѓу засегнатите страни е од суштинско значење со цел да се обезбеди поинформирана, поангажирана и побезбедна средина за младите ширум регионот. Истражувањето беше спроведено на ниво на државата во септември и октомври 2023, опфати 1235 телефонски разговори со испитаници на возраст од 15 до 29 години, а беа спроведени и интервјуа со фокус-групи и засегнати страни. Анализата дава широк спектар на загриженост и искуства во следниве клучни области: Перцепцијата на младите за сегашното ниво на сигурност и безбедност како и очекувањата за наредните пет години. Мнозинство од испитаниците (54 %) сметаат дека земјата е донекаде безбедна или целосно безбедна, но сепак има 17% од младите што сметаат дека земјата не е безбедно место. Повеќе од една четвртина (27 %) очекуваат дека ситуацијата ќе се влоши. Особено, младите жени се чувствуваат помалку безбедно во споредба со младите мажи, а регионалните разлики се очигледни, посебно во Североисточниот регион. Разбирање за и учество на младите во формални и неформални мировни процеси: Студијата открива многу ниско концептуално знаење и разбирање за градењето мир, со тоа што само 26 % од испитаниците се запознаени со концептот, додека 87 % не знаат за активности од страна на властите поврзани со градење мир и младинска безбедност. Вклученоста во мировни и безбедносни иницијативи е особено ниска, само 6 % од младите активно учествувале во такви активности во текот на изминатата година. Постои видлива потреба од зголемена свесност и вклученост на младите во напорите за градење мир. Нивото на свесност на младите за спречување насилен екстремизам и радикализација и ставови за реинтеграција: 53 % од испитаниците не ја сметаат радикализацијата како сериозно прашање во нивните заедници, а 38 % изразуваат загриженост за нејзиното присуство. Примарните двигатели на радикализацијата се идентификувани како политички фактори, економски разлики и религија. Постои особено колебање кај младите за поддршка за реинтеграција на поранешни екстремисти, со тоа што 43 % се двоумат да поддржат ресоцијализација на осудени поединци. Перцепцијата за и искуството на младите со сите форми на насилство: 59 % од испитаниците сметаат дека насилството меѓу младите е „целосно присутно“. Речиси секое петто младо лице (18 %) вклучено во ова истражување или има искусено или посведочено насилство или и двете. Се чини дека младите мажи имаат искусено повеќе физичко насилство за разлика од младите жени (80 % наспроти 66 %), додека, пак, младите жени се чини дека имаат искусено или посведочено повеќе вербално насилство споредено со младите мажи (84 % наспроти 76 %). Студијата исто така истакнува и вознемирувачки тренд на насилство во училиштата, па така 81 % од помладите испитаници (од 15 до 18 години) имаат искусено или посведочено насилство во образовна средина. Сајбер-малтретирање: речиси половина од испитаниците (42 %) во истражувањето се чувствуваат „безбедно“ или „целосно безбедно“ кога користат интернет, додека, пак, околу 20 % не се чувствуваат така. Релативно голем процент од испитаниците (38 %) се чувствуваат „ниту безбедно, ниту небезбедно“. Тоа може да значи дека се потребни дополнителни истражувања за да се истражат причините зад ваквата перцепција како и можно дополнително целно подигање на свеста за сајбер-безбедноста. Исклучување и дискриминација: речиси една третина (31 %) од испитаниците ја идентификуваат етничката припадност како првиот основ за дискриминација и исклучување, по која следат економскиот статус и политичката припадност. Во меѓувреме, 11 % од испитаниците истакнаа дека лично искусиле дискриминација. Се чини дека младите жени повеќе биле предмет на дискриминација за разлика од младите мажи, па така и етничките Роми во споредба со етничките Албанци или Македонци. Истражувањето покажува особен јаз во младинското учество во процесите на носење одлуки и на локално и институционално ниво. Доверба во властите и другите луѓе и односите меѓу заедниците: се чини дека довербата во институциите е генерално ниска, со тоа што владата и политичките лидери добија слаби оценки. Најголема доверба уживаат полицијата, верските лидери и граѓанските организации. Се чини дека младите имаат поделени ставови за нивото на доверба во луѓе од различно етничко потекло, со тоа што 57 % искажуваат ограничена општа доверба во луѓето од различно етничко потекло, а 43 % велат дека имаат доверба во нив. Сепак, општиот став за меѓуетничките односи/односите меѓу заедниците е помалку поделен, со тоа што 46 % ги оценуваат како „ниту добри ниту лоши“, а 41 % како „добри“. За да пристапите до целосното истражување, посетете ги линковите подолу. Перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија- Истражување за млади и безбедност | OSCE Perceptions, views and challenges of young people in North Macedonia- Research on Youth and Security | OSCE Perceptimet, qëndrimet dhe sfidat e të rinjve në Мaqedoninë e Veriut- Hulumtim për të rinjtë dhe sigurinë | OSCE
Прва помош за полициски кучиња
Publishing date: 24 јуни 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Контрола на оружје, Гранично управување, Полициско работење
Исто како и луѓето, службените кучиња ги ризикуваат своите животи во полициските операции и бараат итна прва помош кога се повредени. Брзата реакција од нивните водичи може да им го спаси животот на овие добро тренирани и лојални животни. Денес започнува првата регионална обука за грижа и прва помош на службени кучиња. Преку ваквата иницијатива, водичите на службени кучиња и експерти од пет јурисдикции ќе се сретнат за да ги унапредат своите вештини за подобрување на работата со кучиња, нега на кучиња и нивна прва помош. Учесниците ќе добијат практична обука од експерти на Германската федерална асоцијација на кучиња за спасување, една од најискусните и најголемите организации во Европа, која работи со кучиња за пребарување и спасување. Толкување на говорот на телото на кучето, прва помош за повредени кучиња и други реални сценарија за тренирање, ќе бидат предмет на 5-дневната обука што ќе се одржи во новоформираниот Центар за обука на полициски кучиња во Ѓорче Петров. Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи се домаќини на оваа обука, која претставува клучна компонента на напорите на Mисијата на ОБСЕ за подобрување на капацитетите на Единицата за службени кучиња во земјата и регионот. Програмата ќе ја подобри соработката во заедничките акции на службените кучиња низ Западен Балкан, а учесниците ќе се здобијат со вештини и знаења неопходни за успешно извршување на важни задачи како што се гранична контрола, откривање на нелегално оружје и спречување на нивна злоупотреба. Новиот најсовремен Регионален К9 Центар за обука и сертификација, основан со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има капацитет од 40 оградени боксови за кучиња. Центарот е во согласност со највисоките стандарди за благосостојба на животните, спречување на болести, професионални практики за ракување со кучиња и воспоставување на соодветни стандарди за сместување.
Стрип-натпревар: Дајте ѝ шанса на инклузијата!
Publishing date: 20 мај 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Млади, Толеранција и недискриминација
Нов ласерски систем за спречување нелегална употреба на оружје
Publishing date: 18 март 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
СКОПЈЕ, 18 март 2024 – Со воведувањето нов систем за управување со деактивирано огнено оружје, овозможено преку донацијата од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе се спречи злоупотребата на оружје и ќе се подобри безбедноста ширум Северна Македонија.
За подобро полициско работење: Регионална конференција за унапредување на родовата еднаквост во рамките на органите за спроведување на законот
Publishing date: 7 март 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Скопје, 7 март 2024 – Родот и безбедноста се во центарот на вниманието на конференцијата организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во Скопје на 7 и 8 март. На конференцијата учествуваат органите за спроведување на законот од регионот со цел да разменат искуства и најдобри практики за постигнување родова еднаквост во рамките на органите за спроведување на законот